Деновиве жителите од кичевско-бродскиот регион почесто можат да се сретнат во шумата отколку во населените места. Цели семејства собираат печурки, а со оглед на тоа што има богат род, од продажбата може да се реализира солидна заработувачка. Собирачите на печурки најмногу се активни во шумите околу поречките села Самоков, Зркле, Лупште, Растеш, Бенче и Инче, каде што има огромен род.
Можност за дополнителна заработувачка
– Сите сме пријатно изненадени од рекордните количества печурки што се појавија во шумата. Толкав род на вргањот не паметиме од времето од пред три децении. Родот е толку богат што за еден ден поединец може да собере и над 100 килограми. Инаку сме презадоволни од квалитетот на печурката, бидејќи се работи за млад вргањ и речиси без исклучок од прва класа. Заработката е задоволителна, но по малку сме разочарани што цената на свежата печурка од ден на ден опаѓа – вели Симон Радески од селото Брест, еден од најпознатите печуркари од овој крај.
Добрите познавачи на печурките велат дека главната причина за толкавиот род се топлата подлога од претходниот период и високата влага во почвата. Почвено-климатските услови придонесоа да се бележат рекордни приноси на печурки.
– Она што беше најважно за добар род во целост се исполни, а тоа се топла земја и висока влага. Не е мала работа само за еден ден да се заработат педесетина евра. Токму овие пари се мелем на рана за нас, жителите на овој пасивен крај, бидејќи немаме можност да заработиме дополнителни средства од нешто друго. Би биле презадоволни ако ваков или сличен род имаме и во наредните сезони – вели Саве Видески од селото Лупште.
Се намалува откупната цена
Но кај сите собирачи на печурки најголемо е разочарувањето што откупната цена драстично опаѓа, а со тоа и нивната заработка, а постои и реална опасност откупните станици да го запрат откупот, бидејќи располагаат со големи резерви.
– И додека сите цени одат нагоре, цената на сировата печурка секојдневно опаѓа. Најпрво беше 150 денари за килограм, за потоа да се намали на 100 денари, денес таа изнесуваше 50 денари, а поситниот вргањ се откупува по цена од само 30 денари. Но како што се зборува, откупните станици, поради големите резерви, барем на одреден период ќе престанат да откупуваат, што е најлошата варијанта за нас, печуркарите – се пожали Чедомир од селото Звечан.
И во Кичевијата, поточно во осломејскиот регион, родот на печурките е исклучително богат, но како и во Бродско така и во Кичевијата, откупните станици, притиснати од големите резерви, не само што ги намалуваат откупните цени туку дел од нив престанаа и да го откупуваат свежиот вргањ.
– Ако престане откупот на свежиот вргањ, ќе бидеме принудени печурките да ги сушиме или да ги саламуриме. На тој начин ќе можеме да ги продадеме и во подоцнежните есенско-зимски месеци – вели Томче Трајчески од Осломејско.