Специјалното јавно обвинителство (СЈО) во идина да биде дел од Основното јавно обвинителство, но автономно и задолжено да гони висок профил на корупција и криминал и да биде надлежно за гонење на избраните или именувани функционери, предвидува Предлог-законот за СЈО што беше усвоен од Владата и за чие донесување е неопходно двотретинско мнозинство во Собранието.
-СЈО си го заслужи местото во институциите на државата. Покрај тоа што ќе продолжи да работи во неограничен мандат, најважно е што протокот на предметите што ги работеше досега нема да заврши со ниедно законско решение. Тоа значи дека без разлика дали ние ќе ги работиме одредените предмети или Обвинителството за организиран криминал, сите предмети се активни и се работат, изјави вчера специјалната обвинителка Катица Јанева.
Посочи дека од првиот момент кажала дека „бомбите“ секогаш биле проблематични, уште во моментот кога не биле признати од страна на судот како доказни средства и нагласи дека СЈО секогаш во своите истраги и предистраги се трудело да прибави колку што може повеќе материјални докази и искази од сведоци за конкретните настани поврзани со „бомбите“.
– „Бомбите“ ги олеснуваа и појаснуваа некои работи во склоп на сите други материјални и вербални докази, но сметам дека и начинот на работа без „бомби“ е предизвик за специјалните јавни обвинители и ќе се потрудиме да бидеме на висина на задачата, рече Јанева.
Министерката за правда Рената Дескоска порача дека се уште не е потврдено неопходното двотретинско мнозинство за носење на законот во Собранието, но додаде дека на ниво на владината коалиција успеале да постигнат согласност за текст што, како што потенцира, дава целосна одржливост на СЈО, го претвара во траен органи не нуди никаква скриена амнестија.
Според неа, согласно новиот закон продолжуваат сите постапки што се почнати пред СЈО и што се во фаза на обвинение или во фаза на истрага или предистрага, со тоа што доказите што се собрани врз основа на овие постапки остануваат валидни.
-Употребата на прислушкуваните материјали е ограничена за оние обвиненија што се покренати во првите 18 месеци. Во консултации со странски експерти и со СЈО, дојдовме до заклучок дека практично во предметите што се отвораат по 18 месеци реално и нема неопходна потреба од користење на аудиоматеријалите како доказ, бидејќи тие се користени како индиција преку кои потоа СЈО доаѓало до други докази што можат задоволително да послужат за докази во судските постапки. Од тие причини нема да има нарушување на квалитетот на водењето на судските постапки ако не се користат во овие постапки овие аудио материјали, рече Дескоска.
Таа објасни дека законот, што завчера беше пратен во собраниска процедура, мина низ широки консултации и додаде дека со законските измени СЈО ќе биде задолжено за корупција кај високи функционери со што ќе се разграничи од постапките што ќе ги води ОЈО за организиран кримнал.
-Правени се консултации со СЈО, со странски експерти и други обвинителства, при што е утврдено дека нема ни еден предмет да пропадне заради преодните одредби дадени во законот, рече Дескоска.
Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески смета дека новиот закон за Јавно обвинителство, во кој е инкорпорирано СЈО, содржи добри одредби кои овозможуваат натамошно функционирање и на СЈО и на ЈО.
– Се она за што не ќе може да постапува СЈО, а што ќе може да се води, ќе го преземе надлежното обвинителство, согласно кривичното дело за кое се водат постапките, порача Јовески.