Советот на јавните обвинители на РМ (СЈОРМ) до Основен суд Скопје 1 – Скопје достави две одлуки за предметите „Маџар Телеком“, „Поткуп“, „Шпион“ и „Надеж“.
Како што соопштуваат од Основниот суд 1, предметите се во различна фаза на постапување, односно дел се активни и се водат пред овој суд, дел се завршени и се во жалбена постапка пред повисокиот суд, а дел се однесуваат на постапки кои се уште не се поведени пред овој суд, а одлуките се однесуваат на барање на Обвинителството за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на кумуникациите за преземање на предметите од надлежност на редовното постапување на друго обвинителство кое би се сметало за надлежно.
-Во првата одлука на СЈОРМ е наведено дека Основното јавно обвинителство – Скопје е надлежно да постапува по предметите заведени под КО.бр.45/15 кој се води против обвинетиот З.В, КО.бр.55/15 против обвинетиот Г.В. и КО.бр.445/10 поврзан со „Маџар Телеком“, наведуваат во соопштението.
Во втората одлука на СЈОРМ е наведено дека Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција е надлежно да постапува за предметите: КО.бр.66/15, поврзан со предметот во јавноста познат како „Поткуп“, Ко.бр.91/13 односно предметот познат како „Шпион“ и две постапки кои се уште не се водат пред овој суд и тоа: РО.бр.193/15 – за предметот во јавноста познат како „Надеж“ и РО.бр.93/10 – поврзан со „Маџар телеком“.
Во образложението на одлуката на СЈОРМ стои дека за преземање на предметите од страна на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО) односно за воспоставување надлежност на предметите не е доволно јавниот обвинител кој раководи со тоа обвинителство само декларативно да се произнесе дека е надлежен, туку треба да го стори веројатен факт дека предметите како што е наведено произлегуваат и се поврзани со незаконито следење на комуникации. Во одлуката се вели дека јавниот обвинител за да ги преземе предметите треба да наведе на што ја темели својата надлежност во сите предмети што се побарани, односно да наведе од кои разговори тоа произлегува, кога се водени тие разговори, помеѓу кои лица и да даде опис на содржината на разговорот. Советот на јавни обвинители наведува и дека доколку тоа не е така, во спротивно би можело да настапи хаотична состојба, каде повеќе обвинителства би претендирале дека се надлежни за постапување по ист предмет, а тоа може да доведе до несогледливи штетни последици и по самата институција, а исто така и во постапката за гонење на сторителите на кривичните дела.
Основниот суд наведува дека вака донесените одлуки ќе бидат припоени кон соодветните кривични предмети на овој суд за понатамошно надлежно постапување на судиите во судот, при што надлежниот судија ќе ја има предвид надлежноста на конкретното обвинителство.