Основното јавно обвинителство од Скопје поднесе кривична пријава против Б.А. (30) од Скопје за постоење основи на сомнение за сторено кривично дело измама.
Министерството за внатрешни работи информира дека пријавениот, од 18 мај до 23 август годината со намера да се стекне со противправна имотна корист, со лажно прикажување на факти доведувал и одржувал во заблуда управители и вработени лица во вкупно седум правни лица, сите со седиште во Скопје.
Пријавениот се претставувал лажно дека е вработен во невладина организација и во нејзино име врши нарачка и набавка на стоки. Б.А. ги навел оштетените да му ја испорачаат нарачаната трговска стока (суровински материјал за изведба на подови, противпожарни апарати, некои прехранбени производи, тоалетна хартија и салфети). Покрај даденото ветување, тој не ја платил стоката со што се стекнал со противправна имотна корист, а на оштетените им нанел материјална штета во вкупен износ од 472.463 денари.