СВР-Скопје до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против лицето А.М. (39) поради постоење основано сомнение дека извршил четири кривични дела и тоа две кривични дела – „затајување” и две кривични дела – „употреба на исправа со невистинита содржина”, при што се стекнал со противправна имотна корист од 2.390.500 денари.
Имено, пријавениот во периодот од 24-ти до 26-ти февруари, наведените кривични дела ги извршил на тој начин што со помош на негов пријател А.А. кој претходно му изработил лажна лична карта на име Костов Игор, истата ја употребил во две фирми за рента-кар и услуги и тоа: „Далас Кар” ДООЕЛ Скопје од каде што изнајмил автомобил марка „форд транзит” за сума од 300 евра како и рента-кар услуги ДППУ „Астра-Рента-Кар” увоз -извоз ДОО Прилеп, подружница „Астра Рента-Кар Скопје”, од каде изнајмил „голф 6″, исто така, за сума од 300 евра и за истите потпишувал Договори за наем на возило за користење во време трање од три дена.
Откако ги земал возилата потоа пријавениот ги препродал, и тоа:возилото „форд транзит” во Гостивар за сума од три илјади евра, а „голфот 6″ во Битола за сума од пет илјади евра.
Притоа, оригиналната сообраќајна дозвола и оригиналните регистерски таблици од возилото „форд транзит” ги фрлил кај Сарај на мостот на река Вардар, а документите од „голф 6″ (сообраќајна дозвола со невистинита содржина на име Костов Игор), како и личната карта со невистинита содржина, исто така ,на име Костов Игор ги запалил на излез од Битола.
Пријавениот A.М. на неговиот пријател А.А. за услугата за направените документи со невистинита содржина во два наврати му исплатил вкупно 2.200 евра. Инаку, А.М. е познат сторител на кривични дела од областа на имотни деликти, против истиот се поднесени вкупно 18 кривични пријави и изречени му се вкупно 13 казни затвор и една условна осуда. Од страна на Судија во претходна постапка на пријавениот одредена му е мерка притвор во траење од 30 дена