Патниот правец од Битола кон Скопје на потегот од Прилеп до Росоман ќе прерасне во експресен пат со четири ленти, соопшти во Битола, Премиерот Никола Груевски .
Градежните активности, како што нагласи, ќе започнат летово и со тоа ќе се постигне поголема безбедност во сообраќајот
– Ќе остане само оној дел меѓу Битола и Прилеп, кој за среќа е многу побезбеден и полесен отколку оној кај Плетвар, но и на овој дел ќе му дојде редот. Ние работиме плански и по приоритети, потенцира Груевски.
Тој посочи дека во последните четири години реконструирани се 13 локални патишта со вкупна должина од 34 километри, а годинава ќе се градат три локални патишта во вкупна вредност од 32,7 милиони денари.
Годинава, како што најави, треба да започнат и градежните активности за рехабилитација на магистралниот пат Битола-Ресен-Буково за кој финансиските средства во висина од околу 10 милиони евра се побезбедени од Светска банка.
Во делот на железничката инфраструктура, Груевски потсети дека се обезбедени финансиски средства и за модернизација на пругата од Битола кон Кременица од Коридорот 10.
– Инвестицијата е во висина од околу 20 милиони евра од кои 85 проценти од ИПА фондовите и 15 проценти буџетско кофинансирање. По спроведената тендерска постапка, склучени се договорите со избраниот изведувач и надзор и се очекува веќе во април или мај годинава да се отпочне со градежни активности. Проектот ќе се реализира во рок од 18 месеци. Со реализацијата на овој проект се овозможува железничко поврзување на индустриската зона Жабени, рече Груевски.
Кон крајот на април или почетокот на мај годинава, како што најави Груевски, ќе започне и реконструкцијата на железничката станица во Битола.