Европол во својот најнов извештај укажува на новите трендови и на тоа дека банкоматите се се повеќе популарни кај сајбер криминалците.
Корисниците на банкоматите ширум светот се под голема опасност, предупредува Европол во својот последен извештај во кој се опишува големиот пораст на малициозните програми кои што се распространуваат низ таквите системи.
Со оглед на тоа што во светот постојат повеќе од три милиони банкомати на кои годишно се подигаат околу 8,6 милијарди евра, ваквиот вид на подигање на пари станува се поинтересен и примамлив за криминалните групи.
Сајбер криминалците веќе изработија посебни малициозни програми со кои ги провалуваат банкоматите и затоа не мора да ги користат традиционалните методи за провалување во нивните сефови.
Најновиот извештај го изработија Европол и Trend Micro, компанија која што веќе со години е на врвот на таканаречената длабочинска безбедност, односно безбедност на самите сервери. Во извештајот е опишано на кој начин сајбер нападите на банкоматите стануваат се повеќе софистицирани, добро планирани и оркестрирани со користење на најнови методи и техники.
„Нападите на софтверскиот дел од банкоматите сега претставуваат закана која што исклучително брзо се развива. Центарот за компјутерски криминал на Европол веќе учествуваше во неколку истраги заедно со националните полиции во неколку европски држави“, објасни Стивен Вилсон, прв човек на центарот на Европол познат како EC3.
„Во овој извештај наброени се неколку клучни препораки за спротиставување на овој криминален тренд. И тоа е многу вреден документ за координација на активностите во борбата против експанзијата на организираниот криминал на ова порачје“, додава Стивен Вилсон.
„Соработката на Trend Micro со EC3 е доказ за нашето повеќегодишно уверување дека технолошките и безбедносните компании мораат да соработуваат со властите за да бидеме еден чекор пред софистицираните сајбер криминалци“, објаснува Реимунд Генес, главниот експерт за технологија во познатата компанија Trend Micro.