Смртни закани, физички напад, оштетен телефон и бегство низ прозорец ѝ претходеле на трагедијата кај Богданци. На 3 октомври во запален автомобил било пронајдено тело на 17-годишна девојка, а нејзиното момче било пронајдено мртво покрај возилото.
Седумнаесетгодишната Билјана Кириќ е девојката која беше пронајдена мртва во трагедијата кај Богданци, заедно со 21-годишниот Виктор Гунтаров. Според првичните индиции на Обвинителството, станува збор за убиство и самоубиство, но точните околности и причините за смртта допрва треба да бидат утврдени.
На трагедијата ѝ претходеле пријави за насилство и закани. Според информациите од надлежните институции, против 21-годишниот маж претходно била водена постапка поради пријавено насилство врз девојката.
МВР потврди дека на 30 септември годинава, околу 21 часот, Гунтаров бил приведен по пријава дека физички ја нападнал својата 17-годишна девојка во неговиот дом. За случајот бил известен јавен обвинител.
На 16 октомври Основното јавно обвинителство Гевгелија примило пријава за загрозување на сигурноста на малолетничката и започнало постапка. Биле определени термини за сослушување и биле издадени наредби за вештачења.
Паралелно, во постапка за заштита од насилство, судот изрекол мерки со кои на мажот му било забрането да ѝ се приближува и да ја вознемирува девојката. Според досега објавените информации, мерките сè уште биле во сила кога се случила трагедијата.
Според новото соопштение на МВР, 21-годишното момче на 1 октомври ѝ се заканувало на својата 17-годишна девојка дека ќе ја убие ако го напушти, а таа тогаш успеала да избега низ прозорец и да добие помош од случајни минувачи.
Случајот го пријавил таткото.
„На 01.10.2026 во 01:30 часот од страна на Џ.К.(46) во Гевгелија е пријавено дека на 30.09.2026 околу 21:00 часот по претходна вербална расправија помеѓу неговата 17-годишна ќерка и В.Г.(21) кои биле во љубовна врска, во семејната куќа на В.Г. во Богданци, физички ја нападнал неговата малолетна ќерка и ѝ биле упатувани закани по живот, доколку си замине од куќата, при што В.Г. ѝ го оштетил мобилниот телефон со цел да не може да повика полиција“, соопшти МВР.
Трагедијата беше откриена на 3 ноември, кога околу 18:40 часот во полицијата било пријавено опожарено возило на местото викано „Ичева чешма“, во месноста Горно Село кај Богданци.
Телото на 21-годишниот маж било пронајдено надвор од возилото, додека во опожарениот автомобил било откриено уште едно изгорено тело.
„Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија изврши увид на лице место и издаде повеќе наредби за обезбедување докази со цел да се испитаат причините за настанот. Издадена е наредба за обдукција на телата на починатите, а обезбедени се и снимки од видео надзор. Првичните индиции упатуваат на убиство и самоубиство, меѓутоа настанот ќе биде во целост испитан“, соопшти Обвинителството.
Обдукцијата и анализата на обезбедените докази треба да покажат што точно се случило во последните часови пред смртта на Билјана и Виктор.








