Поради спуштање на поларна воздушна маса од север, во ноќните часови врнежите од снег ќе се прошират насекаде и наместа ќе бидат интензивни. Насекаде ќе се формира снежна покривка (на планините над 50 сантиметри, а во пониските места од 10 до 20 сантиметри). Ќе дува умерен до засилен северен ветер. Температурата ќе биде во интервал од 0 до осум степени.
Во Скопје ќе биде облачно со врнежи од снег, кои повремено ќе се интензивираат и ќе се формира снежна покривка до околу 20 сантиметри. Ќе дува умерен до засилен северен ветер. Температурата ќе биде околу 0.
Врнежи од снег ќе има и утре, особено претпладне, но тие ќе бидат со намален интензитет. За време на викендот облачноста делумно ќе се намали и ќе биде многу студено. Преку денот најстудено се очекува да биде во сабота со температури од минус 12 до минус шест, а во недела утринските температури ќе се движат од минус 22 до минус 10 степени.
По најавата за ниски температури и снежни врнежи во целата држава владиното Координативно тело за справување со кризи и Управувачкиот комитет за кризи апелираа граѓаните да бидат внимателни при планирање на патувањата, да не тргнуваат на пат доколку немаат итна потреба и да носат соодветна зимска опрема. Тоа особено се однесува за транспортните возила за кои не е исклучена забрана во определен период. Компанијата ЕВН треба да формира тимови кои ќе бидат со зголемена мобилност и зголемена оперативна подготвеност во случај на нарушување на системот за снабдување со електрична енергија.
Највисока снежна покривка во Македонија до 16 часот денеска има во Маврови Анови каде што паднаа 33 сантиметри снег, во Лазарополе 27, во Пожаране 26 сантиметри, Тетово 20, 11 сантиметри во Скопје-Зајчев Рид, девет во Ѓуриште, четири во Крива Паланка, три во Штип и Виница, два во Берово, а еден сантиметар во Тополчани и Крушево, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).