Единица за економски и компјутерски криминал до Основно јавно обвинителство – Скопје со две кривични пријави предаде три лица, а дополнително ќе биде предадено уште едно лице, за сторени четири дела, од кои две – “фалсификување исправа“ (чл.378) и по едно кривично дело – “помагање“ во врска со “фалсификување исправа“ (чл.24 в.в. чл.378) и “злоупотреба на службена положба и овластување“ (чл.353).
Со првата кривична пријава се пријавени три лица, Е.С. (33) од Куманово за – “злоупотреба на службена положба и овластување“, И.П. (57) од Струмица за – “фалсификување исправа“ и С.С. (46) од Велес за – “помагање“.
Имено, Е.С. (виш соработник во Одделение за катастарски операт-Сектор за спроведување на промени во катастарски операт во Агенција за катастар на недвижности-Скопје) на 18.03.2013 година ја злоупотребил својата службена положба и овластување на начин што врз основа на правосилна пресуда од Основен суд Скопје 2 Скопје од 30.12.2012 година извршил запишување на промена во катастарот на недвижности во КО Чаир која се состои од недвижен имот-земјиште со површина од 11.992 м2 запишано во имотен лист од сопственост на РМ во приватна сопственост на лице, без притоа да констатира и да го одбие предметот со оглед на тоа што во пресудата на местото оверено со печат „одлуката е правосилна“ било очигледно видно дека е вршена преправка во делот на датумот поточно годината на правосилноста.
Притоа, наместо да го одбие барањето со предметната пресуда тој го прифатил и го извршил запишувањето на промената во катастарот на недвижности со што овозможил спорната катастарска парцела противправно да се запише на име на лице и истиот да се стекне со недвижен имот-земјиште кое било сопственост на РМ- со право на користење на Министерство за одбрана и Дирекција за регулација на реката Вардар. По ова, за истата катастарска парцела второпријавениот И.П. помогнат од третопријавената С.С. која му дала лични податоци од лицето на чије име требало да се запише катастарската парцела, со намера да го прикријат вистинскиот носител на сопственоста, направиле лажна исправа со невистинита содржина-нотарски акт од 20.03.2012 година, Договор за купопродажба на недвижен имот – гореспоменатото земјиште каде како продавач на наведеното земјиште е лицето, а како купувач е второпријавениот И.П. при што било наведено дека купопродажната цена е 55.000.000 денари за што е приложена и фалсификувана уплатница на наведениот износ. Наведениот договор го овериле со фалсификуван печат и потпис од нотар како и со фалсификуван печат и потпис од Град Скопје, Сектор за финансии со кои се потврдува дека второпријавениот И.П. ги има подмирено даночните обврски, а потоа на 01.04.2013 година ваквиот договор И.П. го доставил со Пријава за запишување на промена во катастар на недвижности, врз основа на кој била извршена промена во катастарот на недвижности со што И.П. противправно се стекнал со право на сопственост на недвижен имот-земјиште во површина од 11.992 м2, а во вредност од 5.996.000. денари, за кој износ ја оштетил Република Македонија.
Инаку против второпријавениот И.П. во претходниот период се поднесени кривични пријави за сторени кривични дела “лесна телесна повреда“, “неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, “одземање моторно возило“, “тешка кражба“, “оштетување на туѓи предмети“ и “измама“, а против третопријавената С.С. за кривични дела “измама“, “фалсификување на исправа“, “фалсификување на исправа во обид“, “фалсификување пари“ и “кражба“
Врз основа на Наредба од страна на Судија на претходна постапка од Основен суд Струмица извршен е претрес во домот на И.П. при што кај истиот се пронајдени и одземени мобилен телефон, сим картичка и документација важна за кривичната постапка.
Со втората пријава, пак, пријавен е Г.С. (58) од Струмица, за сторено кривично дело – “фалсификување исправа“. Пријавениот откако направил лажна исправа со невистинита содржина – Договор за купопродажба за недвижен имот-земјиште кое се наоѓа во КО Чаир во површина од 4.517 м2, помеѓу Скопската Бискупија како продавач и тој како купувач, го оверил со фалсификуван печат и потпис од нотар од 17.07.2012 година и истиот на 06.08.2012 година го доставил-употребил како вистинска исправа приложувајќи го со Пријава за запишување на промена во катастaр на недвижности.
Врз основа на ваквиот договор била извршена промена во катастaрот на недвижности при што пријавениот Г.С. противправно се стекнал со право на сопственост на недвижен имот-земјиште во површина од 4.517 м2 кое се наоѓа во КО Чаир. Врз основа на Наредба од Судија на претходна постапка од Основен суд Струмица извршен е претрес во домот на пријавениот, при што се пронајдени и одземени мобилен телефон, сим картичка и нотес со телефонски броеви. Според крим евиденцијата на МВР против Г.С. претходно се поднесени кривични пријави за за кривични дела “недозволена трговија“ и “самовластие“.