Ако сакате одморот да го искористите да заработите во странство како сезонски работник во некоја од земјите од кои што доаѓаат примамливи информации за вработување на ваков вид работници, ќе треба самите да се снајдете и главно да работите на црно. Од агенциите кои посредуваат за вработување во странство велат дека скоро се никакви можностите за сезонски ангажман на граѓани кои поседуваат македонски пасош во странство, пишува Плус инфо .
– Сезонско вработување во странство по легален пат за државјаните на земјава, поточно со македонски пасош, е невозможно. Без исклучок во сите земји на ЕУ, македонски граѓанин не може да се вработи како сезонец. Движење на работниците, според европските закони, е дозволено само за работниците од земјите членки на Унијата. Според тоа, Македонец може да се вработи легално само ако е државјанин на некоја од овие држави, односно да има пасош од друга држава. Од годинава дури и во Црна Гора направија построги законски измени и прво се дозволува пополнување на празните работни места наменети за сезонци од земјата, па потоа може да се вработат граѓани на други држави со кои се има потпишани договори за такви вработувања. Грција која се користеше како најчеста дестинација за сезонците од Македонија, целосно се затвори. Така што, единствена можност за нашите граѓани кои наумиле да работат во странство како сезонци е тоа да го направат самостојно и на црно – вели директорот на Агенцијата за посредување при вработување во странство „Коузон“, Зоран Кочовски.
Агенциите, појаснува Кочовски, моментално вршат само времени вработувања кои се реализираат преку договори и траат од 6 до 9 месеци. Такви се оние што се реализираат со компаниите за работа на бродови и за работа во хотели во Катар и Дубаи.
PlusInfo.mk