” Со маки сум се родила ” – Документарен филм за животот на Вања Лазарова


Кога ми било најтешко сум пеела, и тоа тажни песни. Народните песни ми лежат на срце, новокомпонираните не ми одат. Нашиот фолклор е ритмичен, богат со ритам и мелодија. Ги чувствувам песните и се расплакувам, вели доајенот на македонската народна песна Вања Лазарова во документарниот филм „Вања, со маки сум се родила“.

Филмот премиерно беше прикажан денеска во Кинотеката на Македонија. Сценарист и режисер е Синиша Ефтимов, а реализацијата е на продуцентската куќа „Медиа броадкастинг“ и Агенцијата за филм на Македонија.vanja lazarova

Во филмот Вања зборува за песната со која е цел живот  – и кога била дома со најблиските и кога настапувала на светските сцени. Полна со ентузијазам и на 85 години вели дека најмногу би сакала да има концерт.

Во филмот зборуваат музичари кои соработувале со неа и за сите нив Вања не е само глас туку и емоција.  Златко Ориѓански вели дека во нејзиниот глас како да се содржат сите можни стилови и начини на пеење во македонската музика. Влатко Стефановски рече дека нејзината песна е саундтрак на најубавата Македонија и  на културното наследство кое, вели тој, на суптилен начин ни се обраќа и ни раскажува за нашиот идентитет. Според Есма Реџепова-Теодосиевска, Вања Лазарова е недостижна пејачка, каква што се раѓа во сто години. Режисерот Милчо Манчевски истакнува дека филмската музика во „Пред дождот“, за која Лазарова соработувала со групата „Анастасија“, станала една од иконските, архетипски моменти на неговиот филм кој во 1994 година доби „Златен лав“ во Венеција.

За Вања во филмот зборуваат и  виолинистот Благоја Десковски, со кого таа соработувала од 1964, Кирил Џајковски, Мирослав Тадиќ, Елена Ристеска-Ивановска, како и продуцентот Иво Јанкоски, чија продуцентска куќа „Трето уво“ објави три нејзини албуми (Македонски традиционални љубовни песни, Ритмистика и Лулка) и ја подготови документацијата за Вања лани да добие државна награда „11 Октомври“ во областа на културата, а со тоа по автоматизам и национална пензија од Министерството за култура.

Во филмот за Вања говори и министерката Елизабета Канческа-Милевска, која денеска ја проследи премиерата. Таа изјави дека документарецот ќе биде трајна вредност и сведоштво за македонската музичка легенда Вања Лазарова, за нејзиниот животен пат, за целокупното нејзино творештво и сето она што го оставила како вредносна и уметничка култура за државата.

– Вања Лазарова е една од најголемите музички легенди, личност која испеа огромен број македонски изворни песни, во кои се отсликува нашата богата традиција, обичаи, македонската музика, се разбира, сето она што претставува идентитет на нашата држава. Сакам да изразам голема  благодарност за нејзиниот огромен влог кој го остави за нашата култура и уметност, рече Канческа-Милевска.

Иво Јанкоски изјави дека со Лазарова соработувал над десет години во кои имал многу концерти. – Особена чест ми е што успеавме да го направиме овој филм со „Медиа броадкастинг“. Со овој филм се заокружува практично мојата соработка со Вања. Во еден збор кажано – се работи за лирско патување низ нејзиниот живот преку нејзината песна. Се надевам дека овој филм ќе остане како некој учебник за идните генерации за тоа како се пеат македонски народни песни, рече Јанкоски.  – Од срце – додаде на тоа Вања, која  им се заблагодари на организаторите.

– Со ова што ми го приредивте, ми направивте голема чест. Ова никогаш не сум го доживеала, макар што сум поминала разни места низ светот. Ова доживување ми е најмило, рече Лазарова.

Таа испеала стотина македонски изворни народни песни, од кои најголем дел се снимени во продукцијата на МРТ. Има работено во Операта при МНТ, била член на Државниот ансамбл на народни игри и песни „Танец“ и настапила на голем број концерти низ светот. Пеела пред доживотниот претседател на СФРЈ Тито, во „Алберт Хол“ во Лондон пред британската кралица Елизабета Втора и премиерот Винстон Черчил. Таа е прва македонска пејачка која има снимено плочи за најголемите издавачки куќи Полиграм и Филипс.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1