Со 62 гласа „за“, 51 „против“ и без воздржани Собранието вечерва ја избра новата Влада, по два дена дебата која започна со експозето на мандатарот и лидер на СДСМ Зоран Заев во кое ја презентираше новата владина програма.
По гласањето пратениците на опозицијата ја напуштија собраниската сала и не присуствуваат на давањето заклетва на министрите на новата Влада и на потпишувањето на свечените изјави.
Дискусијата за избор на Владата траеше два дена. Претставниците на парламентарното мнозинство дадаоа поддршка за предлог-програмата на Владата, додека опозициските пратеници беа со став дека во владината програма нема јасни цели за развој на државата.
Веднаш по изборот на новата Влада, премиерот Заев најави дека прв приоритет на владата ќе биде продолжување на антикризните мерки за уште поголема помош за фирмите и граѓаните за полесно пребродување на последиците од корона кризата. За ова Владата има резервоар од 200 милиони евра.
“Уште во првите месеци ќе има структурни реформи во администрацијата, но и прочистување на судството. Кој не сака да го почитува закон, ќе се соочи со закон. Процесот на евроинтеграција ќе продолжи уште по засилено. Владата е подготвена за старт на преговорите со Унијата, порача Заев во својата прва изјава за медиумите по изборот на новата Влада која доцна вечерва беше избрана со 62 гласа ЗА.