Mинистерството за надворешни работи на Бугарија го поздрави постигнатиот договор меѓу владите на Македонија и на Грција за прашањето за името.
– Ова го отвора патот кон европската и евроатлантската интеграција на нашиот сосед. Ова е реална шанса на крајот од бугарското претседавање со Советот на Европската унија да има напредок и можност за започнување на пристапните преговори. Бугарија ја призна Република Македонија под нејзиното уставно име уште во јануари 1992 година и новото име Република Северна Македонија не треба да биде интерпретирано како основа за евентуална промена на постојните граници или претензии кон соседите, односно нивниот јазик, култура, историја и идентитет.
Бугарија ќе инсистира двете соседни, партнерски и пријателски земји да дадат гаранции дека во договорот меѓу нив овие два принципа ќе бидат недвосмислено искажани и потврдени, се вели во соопштението од бугарското МНР.