Европа се распаѓа, предупреди милијардерот Џорџ Сорос, на Светскиот економски форум во швајцарски Давос.
„Европската имигрантска политика е во целосна паника. Заради големиот прилив на имигранти е намалена можноста тие да се асимилираат и интегрираат во земјите во кои дошле. Сите се избезумени. Тоа е како да избувнал пожар во кино, а никаде не пишува каде е излезот за итна евакуација“, изјави Сорос, при тоа додавајќи дека бегалската криза дополнително ја влошува рускиот претседател Владимир Путин бидејќи ‘бомбардира цели во Сирија’.
„Путин сака Европа да се скрши“, рече Сорос.
Тој го нападна и кандидатот на републиканците за претседател на САД, Доналд Трамп, за кој рече дека работи за Исламска држава, пренесува Guardian.
Во интервјуто за TV Bloomberg, исто во Давос, Сорос рече дека се случуваат исти работи како во 2008 година, кога почна светската економска криза, само што овој пат не доаѓа од Америка, туку, како што рече, од Кина.
„Ситуацијата е сериозна. Кинезите предолго чекаа да го променат моделот на раст на нивната економија од оној што е базиран на извоз, на оној што ќе се потпира врз домашната потрошувачка. Така што падот на кинеската економија е неизбежен“, рече Сорос, кој сепак смета дека Кина може да го реши проблемот на дефлација бидејќи има повеќе од три билиони девизни резерви.
Освен Кина, врз светската економија неповолни влијание имаат и цената на суровата нафта, како и девалвацијата.