Битката на новите социјални мрежи е многу тешка. Сепак постојат компании што мислат дека можат да освојат дел од овој инаку доста активниот пазар.
Две од нив ќе ги привлекуваат корисниците со ветувања за парични надоместоци за најактивните, соопшти АП. Тие се викаат „Баблевс“ и „Бонзо ми“, а нивната идеја е да им плаќаат на корисниците чии пораки привлекуваат поголем сообраќај и огласувачи.
– Сметам дека социјалните мрежи доволно ги користеа луѓето. „Фејсбук“ заработува многу пари од содржината што ја создаваат луѓето, но тие не добиваат ништо – изјави Мајкл Нусбаум, кој е творец на „Бонзо ми “. Неговата социјална мрежа ветува дека ќе им плаќа на корисниците до 80 отсто од приходите од реклами што се генерирани од нивните најпопуларни пораки.
Ривалот „Баблевс“ има малку поинаков метод на работа. Алгоритамот на оваа социјална мрежа ќе следи колку и каква активност провоцираат публикациите на корисникот. На оваа база се вршат пресметките и се даваат конкретни суми.
– Никој не треба да доаѓа на нашата веб-страница со очекување дека ќе ја напушти работата. Сакаме да сме искрени со своите корисници. Социјалните мрежи не треба да се места каде што се чувствуваш искористено – сподели Арвинд Диксит, извршен директор на „Баблевс“.
Двете социјални мрежи се надвор од фаза на тестирање и веќе може да се регистрирате. „Бонзо ми“ дури најавува дека веќе им платиле на корисниците вкупно околу 30 илјади долари.