Федералната служба за безбедност во Москва и Санкт Петербург уапсила десет припадници на криминална група кои планирале да изведат терористички напади на повеќе локации во земјата.
Како што пренесуваат руските медиуми, уапсените криминалци се државјани на земји од централна Азија. Запленети биле бомби од рачна изработка со голема разорна моќ, огнено оружје како и телекомуникациска опрема. Осомничените признале дека биле во контакт со лидерите на Исламската држава.
Да потсетиме, како што пренесуваат руските медиуми, руските безбедносни служби следат над 220 потенцијални терористи и изведувачи на самоубиствени напади. Со најновата акција, руските безбедносни служби пред рускиот народ покажаа дека ништо не е препуштено на случајот и дека сите потенцијални напаѓачи се следат во чекор.
Федералната служба за безбедост на Русија исто така будно ги следи и луѓето кои што се задолжени за регрутирање како и за подготвување на терористички акти, соопштија од ФСБ, пренесуваат руските медиуми.
„Постојат повеќе од 220 потенцијални бомбаши самоубијци кои што се под константен надзор од страна на нашите агенти“, изјави првиот човек на ФСБ во обидот да ја смири руската јавност и додаде:
„Припадниците на Федералната служба за безбедност ги откриваат и лицата кои што се задолжени за обучување на бомбашите самоубијци како и во целата подготовка и организирањето на терористичките акти“, изјави Александар Бортников, првиот човек на Федералната служба за безбедност на Русија.
Исто така, соопштено е дека ФСБ има издадено меѓународна потерница за 260 руски државјани за кои што основано постои сомнеж дека активно учествувале во терористички активности, а кои моментално се наоѓаат надвор од границите на Русија.