Спречен увоз на 63 тони пилешко месо со патогена инфлуенца од Полска


Спречен е увоз на 63 тони пилешко месо од Полска за да не се внесе вирусот на високо патогена инфлуенца во земјава. Како што информира Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за МИА, се работи за три пратки механички обескостено пилешко месо (МОМ) кои требале да се „протнат“ преку граничниот премин Табановце.

Увозот е спречен, а пратките се нештетно уништени на депонијата Дрисла.

– Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство беа дел од големата акција ОПСОН 9 на ИНТЕРПОЛ и Еуропол, во која Република Македонија учествуваше заедно со уште 82 држави. Акцијата се реализира од декември 2019 до јуни 2020 година, а акцент беше ставен на трговијата со фалсификувана и неквалитетна храна и пијалаци. Во рамки на законски дефинираните надлежности, официјалните ветеринари на граничен премин, во насока на заштита од внесување на вирусот на високо патогена инфлуенца во Република Македонија, спречија увоз на три пратки со по 21 тон механички обескостено пилешко месо кои потекнуваат од региони во Полска кои поради оваа болест се забранети за увоз, велат од АХВ.

Во март годинава инспекциските служби на Агенција, во рамки на акцијата ОПСОН 9 на ИНТЕРПОЛ И Еуропол, утврдија недоследност и кај еден оператор со храна кој увезол над 20 тони преработки од месо по потекло од Холандија. Кај него со лабораториските испитувања е утврдено дека постојат неусогласености кај декларираниот производ.

Од вкупно увезената количина месни преработки, околу 17 тони се вратени на извозникот од Холандија, а повеќе од 1,7 тони преработки од месо увезени во март годинава, се нештетно уништени.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1