На денот кога голем број граѓани доаѓаат да им оддадат почит на своите починати, гробиштата во Бутел ги пречекуваат со купишта ѓубре, расфрлани дрва, гранки и кучешки измет.
Расфрлани дрва, гранки, отпад и нечистотија меѓу гробните места. Наместо уреден и чист простор, луѓето кои денес дошле да им оддадат почит на своите починати ги пречекува слика која не доликува.
Навистина е срамно ваква да биде сликата на едно од најголемите градски гробишта, токму на Задушница, кога се очекува најголема посетеност.
Зарем надлежните во ЈП „Бутел“ не знаеле дека денес илјадници граѓани ќе дојдат на гробовите на своите најблиски? Зарем било толку тешко навреме да се организира барем основно чистење и уредување?
Луѓето плаќаат надомест за гробните места и заслужуваат барем основни услови и достоинствено уреден простор кога доаѓаат да ги посетат своите починати.
Не бараат ништо посебно. Само чисти гробишта и малку почит. Токму затоа, барем основното чистење и уредување требало да биде завршено пред денешниот ден.
Малку повеќе внимание од надлежните, малку повеќе одговорност и барем основно достоинство за местото каде што почиваат нашите најблиски.
Почитта кон починатите не е само лична обврска на семејствата. Таа треба да ја покажат и оние кои се платени да се грижат за последните почивалишта.
Ако веќе не може да се покаже грижа кон живите, барем нека се покаже почит кон мртвите.








