Во старите разурнати простории на некогашната стражарска куќарка на фабриката „Алумина“, каде што низ сите пукнатини навлегува зимата, во овие студени декемвриски денови преживува четиричлено семејство – жената Сунчица Ѓорѓевиќ, нејзиниот партнер Себастијан Мемед и двете малолетни дечиња на две и четиригодишна возраст, пишува Нова Македонија.
Без трошка леб и пари, без сигурноста што иднината ја носи, ова семејство се обидува да го преживее денот, најчесто од продажба на пластични шишиња и старо железо.Во нивниот скромен дом имаат ќумбе во кое ставаат дрва и гранки од внатрешноста на некогашна „Алумина“. Околу ќумбето има сунѓер-душеци, а на некои прозорци имаат закачено чаршафи. Тие во овие мизерни услови ќе ги дочекаат сѐ постудената зима и Новата година.
Под силниот притисок на немаштијата и проблемите што произлегуваат од ваквиот начин на живот, оваа заедница досега веќе неколкупати се преселувала од едно на друго место, во потрага по подобро утре и сигурен покрив над главата. Во меѓувреме, тие контактирале со надлежните институции и веќе подолго време чекаат да добијат социјален стан.
Таа и Себастијан живеат невенчано заедно веќе шест години и имаат две мали деца од две и четири години. Но, таа има и постари деца од нејзиниот претходен брак што пропаднал поради пијанството на сопругот. Трите деца од тој брак се сместени кај нејзината мајка и татко, кои преживуваат со една пензија.
– На постариот од овие што се со нас наредната недела му е роденден, но на него и на помалиот ќе им го прославувам на 4 јануари, затоа што им се блиску. Така ми е и поедноставно, оти нема кој да им дојде за прославата, им купувам една торта и тоа е тоа – вели Сунчица
Тие имаат побарано сместување и од Владата на Македонија и од Министерството за труд и социјална политика. Велат дека од Владата им рекле дека сега немаат социјални станови, најверојатно ќе почекаат до 2018 година. Наредната недела таа има состанок со претставник од Владата за да добие информации што може дополнително да се направи. Од Министерството, пак, им понудиле да бидат сместени во Чичино Село, но одбиваат да одат таму оти, како што вели Сунчица, локацијата е опасна за целото семејство.