За секој зафат што го плаќаат при одржувањето на зградата, станарите да добиваат фактури, а не уплатници, предлагаат лиценцираните управители и бараат ова да биде една од измените во Законот за домување.
Управителите, како што беше речено денеска на прес-конференција во Стопанската комора, со законски измени бараат и да им се овозможи добивање валидни информации од МВР, УЈП, Катастарот, општините, за точната адреса на живеење на станарите со кои склучуваат договор за одржување.
Решавањето на овој проблем е неминовно зашто лиценцираните управители не се сопственици на лифтот, но имаат законска обврска да го следат неговото редовно одржување и да преземаат чекори во случај на дефект се до моментот на изгласување одлука од мнозинтсвото станари за санирање на штетата или поправка.
Според претседателот на Регулаторната комисија за домување при Министерството за транспорт и врски Душко Кадиевски, во Македонија над 50 отсто од станбените згради (околу 10.000) имаат ангажирано управители или именувано претседатели на станбени единици. Лиценцирани управители се вкупно 38, а во тек се постапки за издавање лиценци на уште двајца. Оваа бројка, смета Кадиевски, е доволна со оглед дека еден лиценциран управител управува со повеќе згради и влезови или со по околу 4.000 станови. Управителите вработуваат 250 лица или секој по најмалку 50.