Американскиот синџир на кафулиња „Старбакс“ во текот на следните пет години ќе вработи 10.000 бегалци ширум светот, како одговор на антиимиграцискиот указ на американскиот претседател Доналд Трамп.
„Денеска Ви се обраќам со голема непријатност, големо срце и цврсто ветување“, напиша главниот директор на „Старбакс“, Хауард Шулц.
„Живееме во момент во кој ветувањето за американскиот сон е ставено под прашање“, вели тој.
Шулц, близок до демократите, вели дека „Старбакс“ е во контакт со своите вработени кои се погодени од извршната наредба на претседателот Трамп за воведување построги мерки за доаѓање на американска територија.
„Старбкс“ сака во следните пет години да ги вработи лицата кои бегаат од војните, прогонот и дискриминацијата во 75 земји, во кои е присутен како франшиза.
Шулц, еден од ретките американски директори на големи компании кои се мешаат во политика, исто така, се осврна и на одлуката на Трамп за изградба на ѕидот кон Мексико.
– Да градиме мостови, а не ѕидови со Мексико, изјави додавајќи дека „Старбакс“ ќе продолжи за вложува во Мексико, земјата во која има 600 кафулиња и 7.000 вработени.