Почна да се гради Панорамското тркало во реката Вардар, вредно 18,2 милиони евра, инвестиција на ЈСП Скопје. Kамионите на градежната компанија „Бетон“ од Скопје деновиве полека навлегуваат во речното корито, од левата страна на брегот, каде што ќе се прави насип, односно пристап за другите градежни машини.
Панорамското тркало ќе биде сместено на нов мост меѓу објектот на МЕПСО и Македонскиот народен театар, некаде на средина меѓу Kамениот и мостот „Гоце Делчев“.
– Моментно се прави пристап до реката. Дел од Вардар ќе се преградува бидејќи мора да се направи фундирање на столбовите на Панорамското тркало и на мостот. Најпрво ќе се направи платформа, која очекуваме да биде готова за околу 20 дена. Штом тоа ќе биде завршено, ќе се почне со изработка на армирано-бетонски колови кои ќе бидат носечка конструкција за фундаментот, односно темелите на тркалото. Паралелно со тоа ќе се работи на фундаментите. Ќе се постават 6 фундаменти-столбови за Панорамското тркало и четири за мостот – објасни Генералниот директор на „Бетон“, Дејан Нешковиќ
Тој додаде дека мостот ќе биде долг 118 метри и широк 13 метри.
Според проектот, освен тркалото, на средината на мостот ќе се изгради ресторан, кафе-бар, продавница за сувенири и билетарница. Тркалото ќе биде високо 73 метри, мерено од брегот на реката, со дијаметар од 57 метри. За споредба, споменикот „Воин на коњ“ заедно со столбот е висок 22 метра. Исто така, Панорамското тркало ќе има 30 гондоли и капацитет за 240 возрасни и 60 деца.