На крајот на септември штедните влогови на граѓаните биле за 15 милијарди денари повисоки отколку во истиот месец лани, а 51% од заштедените пари се во денари Штедните влогови на граѓаните се во постојан пораст и на крајот на септември изнесувале 197 милијарди денари, од кои 51% во домашна валута, а во однос на септември лани на штедните книшки на граѓаните имало 15 милијарди денари повеќе. Ако се направи математиаката и се тоа се подели на 2.000.000 граѓани излегува дека секој граѓанин во банка има повеќе од 98.000 денари.
Во вакви услови Македонија го одбележа 31 октомври, Светскиот ден на штедењето, со свечена седница на Здружението за банкарство при Стопанската комора на Македонија, на која по традиција признанија им беа доделени на најдобрите шалтерски работници во банките и штедилниците. Гувернерот на Народна банка на Македонија (НБМ) Димитар Богов вели дека охрабрувачки е тоа што повеќе се штеди во денари.
– Ако во декември минатата година денарското штедење на населението го надмина девизното, тој тренд продолжува и сега, па 51% од вкупните заштеди на граѓаните се во домашна валута, изјави тој, додавајќи дека голем е бројот на лицата кои штедат.
Тој смета дека зголеменото штедење, особено зголеменото штедење во денари и на долг рок е најдобар индикатор за зголемената доверба која ја има населението во банките. Глигор Бишев, потпретседател на Стопанска комора на Македонија и извршен директор на Шпаркасе банка порача дека банките и понатаму ќе продолжат да работат здраво и сигурно, а заштедите на граѓаните се основата и за нивното и за кредитирањето на компаниите.