Пријава до Државната комисија за спречување на корупција против Општина Карпош и Стевчо Јакимовски, како и кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје за злоупотреба на службената положба и овластување поднесе „Урбан Инвест“ ДОО од Кавадарци.
Пријавата, соопштуваат од „Урбан инвест“, се однесува за коруптивно однесување од страна на Општина Карпош и нејзиниот градоначалник во врска со доделувањето и реализацијата на договор за јавна набавка на работи Реконструкција на плато „Млечен ресторан“, при што, посочуваат, е повреден Законот за спречување на корупцијата.
Во соопштението се појаснува дека „Урбан Инвест“ учествувал во постапка спроведена од Општина Карпош за доделување договор за јавна набавка на работи Реконструкција на плато „Млечен ресторан“, во која учествувал и друг понудувач кој бил избран согласно критеруимот најниска цена.
– Во текот на реализацијата на договорот за јавна набавка од страна на избраната фирма ние увидовме дека има неправилности, односно плочките кои изведувачот ги набавил и вградил не се согласно бараните карактеристики – не се гранитни плочки согласно техничка и финансиска понуда за реконструкција на плато „Млечен ресторан“, туку дека се работи за терацо плочки, појаснуваат од „Урбан Инвест“.
Тие тврдат дека плочките кои изведувачот ги набавил и вградил не се согласно бараните карактеристики, па поради постоењето на разлика во цената помеѓу гранитни и терацо плочки пријавениот овозможил изведувачот да се стекне со имотна корист.
– Од постапувањето на ваков начин, според нас, оштетена е Општина Карпош, а и Урбан Инвест ДОО кој поднесе кривична пријава, стои во соопштението од „Урбан Инвест“.