Стевчо Јакимовски нема намера да се врати во СДСМ под ниеден услов и не ја исклучува можноста за формирање на нова опозициска партија.
Според него, во земјава нема вистинска опозиција и таа треба побрзо да се формира. Не сакаше да коментира кој ќе го наследи Црвенковски на челната позиција, лошо е што партијата нема природен наследник и толку многу претседатели неминовно и логично ќе водат до класична поделба и раздор.
– Ниту посакувам, ниту имам намера да се вратам во СДСМ, без разлика кој ќе биде лидер. Моето членство во СДСМ заврши. Очигледно дека опозицискиот простор не е исполнет, СДСМ несоодветно и парира на државната политика. Политичката понуда на граѓаните е оскудна.
Не ја исклучувам можноста да формирам партија, вели Јакимовски.
По 10-дневни преговори со социјалдемократите за заеднички настап во советот на Карпош, Јакимовски не успеа да се договори.
Од денеска почнува да разговара со советниците на ВМРО-ДПМНЕ.