Столтенберг: Не е време за косовска армија


По состанокот на НАТО за Западен Балкан, генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг предупреди дека не е време Косово да формира војска и можни се последици.

-Намерата да се продолжи со трансформација на косовските безбедносни служби во војска не е потег во вистинско време, и е спротивен на советите на НАТО сојузниците и може да има последици врз евроатлантската интеграција на Косово, изјави денеска Столтенберг.

Генералниот секретар додаде дека НАТО ги поддржува косовските сили во рамки на нивниот сегашен мандат.

-Како што соопшти НАТО повеќе пати, доколку мандатот на косовските безбедносни служби еволуира, Северноатлантскиот Совет ќе мора да го ревидира степенот на ангажман во Косово, рече Столтенберг.

Кои поточно би биле последиците, не можеше да каже бидејќи таа одлука му припаѓа на Северноатлантскиот Совет.

Во секој случај, постои загриженост кај Алијансата за одлуките на Приштина во последно време, вклучително и мерката на зголемување на царините за производи од Србија.

-Новите царини на Приштина создаваат нови поделби, такви чекори го прават дијалогот посредуван од ЕУ уште потежок, рече Столтенберг, повикувајќи ги и Белград и Приштина да се воздржат од провокативни изјави и акции и да ги направат потребните компромиси.

Висок дипломат на НАТО брифираше дека Алијансата е критична кон плановите за прекројување на границите според етнички линии, а тоа според НАТО не помага за мирот и безбедноста во регионот.

-Сме биле на тој пат порано, тоа создаде нестабилност и вистински предизивици за луѓето во регионот, објасни дипломатот.

Притоа, објасни тој, „невозможно е да се цртаат граници долж етнички линии“ бидејќи секогаш една етничка група ќе биде изоставена.

За НАТО најважно е земјите во регионот да се фокусираат на оние работи кои навистина носат мир, стабилност и просперитет како економскиот развој, заштитата на правата на малцинствата и заштитата на граѓаните.

-Прекројување граници, царините, спречување членство во меѓународни организации се само начин да се прикријат работите за да се избегне справување со вистинските проблеми, тврдат НАТО дипломатите.

На состанокот за Западен Балкан, НАТО членките порачале дека се подготвени да ја примат апликацијата за членство на Босна и Херцеговина доколку ова земја изрази подготвеност за такво нешто.

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1