Во Лекарската комора на Македонија од почетокот на годинава до сега потврди кои им се потребни за заминување на работа во Германија извадиле рекорден број лекари, вкупно 98.
Лани за цела година се извадени 140, во 2011- 125, во 2010 – 80, во 2009 – 41, а во 2008 само 32. Во Лекарската комора нагласуваат дека барања за потврдите за членство и за неосудуваност од Судот на честа многу се бараат, но немаат информации што се случува потоа со тие што ги бараат, односно не знаат дали успеале да се вработат во странство или не.
– Во изминатите години нашите лекари одеа на работа најмногу во Словенија, а сега во Германија. Според нашите сознанија земјата ја напуштаат млади лекари, но има и извесен број искусни специјалисти во позрели години – објаснуваат од Комората.
Сината карта која овозможува работа во Германија им го помати умот и на високообразованите кадри од техничките науки. Нема податок колку инженери заминале за Германија
Илустрација за тоа зошто сината карта е толку посакувана се и приказните на младите доктори Стефан и Виктор. По дипломирањето лани Стефан се обидел да влезе во некоја од болниците во државата или во Клиничкиот центар во Скопје за да работи само за искуство, без плата. Но, сите врати му биле затворени. Тој вели дека е еден од малкуте среќници кои само неколку месеци по дипломирањето нашле работа. Сега работи на замена во селска амбуланта, но за себе има поголеми планови.
– Ќе излажам ако кажам дека не сум задоволен. Условите се добри, искуството полека го стекнувам, а платата ми е 20.000 денари, што за мене не е малку, ако се има предвид дека до пред некој месец живеев од џепарлакот што ми го даваа родителите. Но, до кога така? Во моето шестгодишно студирање во Скопје моите родители вложија повеќе од 15.000 евра. Кога ќе им се врати инвестицијата со мојата плата од 300 и нешто евра? Треба да се сметаат и непреспаните ноќи поминати во учење, стресот пред тешките испити, годините во кои сум јадел сува храна одвоен од родителите, која во еден период сериозно ми го наруши здравјето – вели Стефан и додава дека веќе стапил во контакт со германската агенција за вработување и ако добие потврден одговор, нема да се двоуми за да ги спакува торбите.
Виктор пак, дипломирал во Бугарија и исто како и Стефан не успеал да добие ниту пракса во болница. Со бугарскиот пасош лесно нашол работа во Германија. Сега е во една болница во близина на Штутгарт. Задоволен е, а се подготвува и за специјализација која му ја плаќа болницата во која работи. Не верува дека тоа би го имал ако останел во Македонија, иако факултетот го завршил со висок просек.
Vecer