Лустерите се откачија, цевките од радијаторите исто така… Страшна глетка. Погледнав надесно, новата зграда до клиниката падна, а огромен облак прашина се крена нагоре, не се гледаше ниту болничкиот округ. Бев во шок, многу се исплашив… Бев многу млада, никогаш претходно немав доживеано земјотрес. Дечињата брзо истрчаа до мене и преплашени почнаа да ме стискаат околу половината, цврсто ме прегрнуваа… Тие врескаа, врескав и јас
Срдечна и пријатна, скопјанката Еленка била негувателка, а подоцна и медицинска сестра во Клиниката за детски болести во Скопје. Сиот свој работен стаж од 37 години го поминала на истото работно место – како медицинска сестра. Ноќта на 25 јули 1963 година, ни раскажува Ангеловска, била дежурна на Клиниката за детски болести во Скопје. Имала само 19 години и тогаш била негувателка за деца. За својата пожртвуваност и храброст на 26 јули 1963 година е одликувана со медал од Тито, како и сите што биле дежурни на клиниката во тој момент, пишува Нова Македонија.
Пискотници низ целата болница
– Нашата клиника имаше четири оддели поделени по различни одделенија, а за време на кобната вечер во клиниката имаше дури 200 дечиња, од најмала возраст, па сѐ до 14 години. Малку по 5.15 часот, откако му ја дала терапијата на едно детенце и ја затворила болничката соба, тлото почнало многу силно да се тресе. Одеднаш, лековите што ги држела во раце излетале напред, а таа паднала долу.
– Лустерите се откачија, цевките од радијаторите исто така… Страшна глетка. Погледнав надесно, новата зграда до клиниката падна, а огромен облак прашина се крена нагоре, не се гледаше ниту болничкиот округ. Бев во шок, многу се исплашив… Бев многу млада, никогаш претходно немав доживеано земјотрес. Дечињата брзо истрчаа до мене и преплашени почнаа да ме стискаат околу половината, цврсто ме прегрнуваа… Тие врескаа, врескав и јас. Го слушнав докторот Петко Ѓорѓиевски, за среќа многу соземен, од одделот за уво, нос и грло како силно вика: „Земјотрес, земјотрес! Сите излезете надвор!“ – раскажува Еленка со треперлив глас, како повторно да го преживува тој момент.
Силно ги прегрнала дечињата од нејзиниот оддел и со сите нив се симнала надолу. Сите доктори, медицински сестри, заедно со децата од нивниот оддел, се симнувале исто така. Се чувствувал голем страв, паниката била неизбежна.
Сите да се спасат
Откако веќе се симнале сите долу, докторот Грозданов најбрзо се повратил од шокот и во тој момент им рекол: „Мора да се качиме горе, да ги земеме сите преостанати деца!“
– Не колебајќи се ниту за миг, сите ние од медицинскиот персонал брзо се организиравме и се качивме за да ги спасиме дечињата, знаевме дека мора бргу да дејствуваме. Со голи раце ги симнувавме сите пациенти, иако во секој момент постоеше опасност од нови потреси и од тоа ние да бидеме затрупани.
Ниту самата не знам како успеавме да се организираме толку бргу. Пациентите згрижени на одделот за очно, со превез преку очите, се држеа за рачиња и ги симнувавме надолу, бубрежно болните со катетри ги носевме надвор – вознемирено објаснува Ангеловска.
Со наежување и солзи во очите Еленка раскажува за пациентите заболени од менингитис. Со нив им било најтешко, некои од нив биле во коматозна состојба, па докторите и сестрите со голи раце ги зеле и многу внимателно, заедно со инфузијата на која биле прикачени, успеале да ги симнеме долу. За среќа, таа вели дека брзо добиле и засилување од многуте медицински лица и службеници што живееле во околината.
– Пациентките – мајки-родилки и нивната солидарност и пожртвуваност во тој миг се нешто што секогаш ќе ми биде врежано во моето сеќавање. Тие, исплашени и во болки, во крвави кошули, некои од нив породени и самата вечер, почнаа да ги земаат бебињата за да ги спасат, по две-три одеднаш во прегратка, која колку можела да земе во моментот, не гледајќи притоа за кое бебе се работи, дали за своето. Тоа е дефинитивно една од глетките што никогаш нема да ги заборавам – раскажува негувателката со воодушевување и почит кон тие мајки.
Целото сведоштво прочитајте го на – Нова Македонија