Против петмина судии, четворица здравствени работници, од Прилеп, Битола и од Тетово, Министерството за внатрешни работи до ОЈО Прилеп поднесе кривична пријава затоа што помогнале осуден за убиство да не издржи поголем дел од казната.
Петмината судии се од Основен суд Прилеп, тројца се вработени во ЈЗУ „Психијатриска болница Демир Хисар“ и еден раководител на затворска здравствена служба при КПУ „Идризово“ Скопје.
Осомничените противправно му шпомогнале на лицето кое изври убиство на 30 септември 2006 година во Прилеп, кога со ловечка пушка го убил 29 – годишниот Љупчо Коларовски заради нерасчистени должничко-доверителски односи.
Имено, првите петмина пријавени во својство на службени лица, вработени како Судии во Основен суд Прилеп заедно со лицата вработени како доктори во Психијатриска болница во Демир Хисар и доктор вработен во КПУ „Идризово“ во периодот 2012 до 2014 година преку донесување на одлуки спротивно на Законот за извршување на санкциите, а дел од нив и преку изготвување на невистинита медицинска документација, со што му овозможиле на осуденикот (осуден на казна затвор во вкупно траење од 10 години и 7 месеци за кривични дела “убиство“ и “измама“) да не ја издржува казната затвор и да биде на слобода.
Првопријавениот судија за извршување на санкции, се товари дека ги пречекорил границите на своето службено овластување, на начин што во постапките за прекин на издржувањето на казната затвор, донел Решенија за прекин на издржување на казната врз основа на ирелевантна медицинска документација без воопшто да обезбеди Мислење од затворската здравствена служба на КПУ „Идризово“. Истиот донел и Решение за прекин на издржувањето на казната затвор поради лекување од позиција на слободен граѓанин.
Останатите пријавени судии како членови на Кривичен совет во Основен суд Прилеп, идентично на првопријавениот, гласале да му се прекине издржувањето на казната, без Мислење од затворската здравствена служба на КПУ „Идризово“ и Мислење од надлежниот Јавен обвинител.
Пријавениот доктор во КПУ „Идризово“ сочинил две Мислења во кои внел невистинита содржина дека врз основа на медицинската документација актуелната здравствена состојба на осуденикот била влошена, иако тоа било во спротивност со фактичката состојба.
Пријавените доктори во ЈЗУ „Психијатриска болница Демир Хисар“,со цел да му овозможи на осуденикот неосновано да ги исполни законските услови за прекин на издржувањето на казната затвор, до Судијата за извршување на санкции доставиле Известување во кое се вели дека осудениот страда од чести епилептични напади, иако тоа не било вистина.