На последната прес-конференција во 13 часот, МОСТ информираше за нерегуларностите кои биле забележани на гласачките места.
Ова се нерегуларностите за кои информира МОСТ:
Гласачко место 1917 село Велешта, Струга, забележано е групно гласање, семејно гласање, присуство на неовластено лице кое им помага на гласачите позади параванот. Лицето си заминало откако пристигнала полицијата.
Гласачко место 2158 во општина Велес, гласањето било прекинато 35 минути, поради забелешката на претставник на политичка партија дека недостасува гласачко ливче. Гласањето продолжило откако ИО утврдил дека се е во ред со гласачките ливчиња.
Гласачко место 2692 општина Аеродром, ИО ги чита на глас имињата на гласачите. Откако набљудувачите реагирале, имињата се читаат само потивко. На набљудувачот на еден од подносителите на листи од страна на ИО му е одземен списокот на кој ги евидентирал имињата на лицата кои го оствариле своето право на глас.
Гласачко место 0931 општина Кратово имало прекин на гласањето од 10 минути поради скршен печат. Печатот е поправен и е продолжено со гласање. ИО на ова гласачко место ги чита на глас имињата на гласачите.
Читање на глас на гласачите е забележано и на следните гласачки места:
Гласачко место 2809 општина Центар, ИО ги чита на глас имињата на гласачите. Образложението било дека се договориле така со набљудувачите на подносителите на листи, гласачко место 2638 општина Карпош, гласачко место 2816 општина Центар, гласачко место 2642 општина Карпош, гласачко место 2650 општина Карпош
Гласачко место 2860 Општина Центар ИО по грешка му дал на гласачот 2 ливчиња за Совет на Град Скопје. По увидената грешка на гласачот му е наложено едното ливче да го направи неважечко и да го покаже пред ИО, но, гласачот одбил да го стори тоа и двете ливчиња ги спуштил во кутијата.
Гласачко место 0648 општина Демир Хисар, гласањето било прекинато 30 минути бидејќи еден гласач откако го земал материјалот за гласање отишол позади параванот, по што во афект ливчињата ги оштетил и со нив го напуштил гласачкото место. Полицијата го нашла гласачот, му ги одземала ливчињата и тие биле вратени во кутијата.
Во гласачкото место 1584, општина Радовиш имало неовластени лица кои сугерирале на гласачите како да гласаат. Лицата биле избркани по реакција на претставник на политичка партија биле отстранети од страна на полицијата.
Во Тетово, во гласачкото место 1966 било регистрирано некористење на УВ ламбата во повеќе од 20 случаи.
Била забележана појава на набљудувачи кои се појавуваат на ИМ само со акредитации од ДИК и се преставуваат како набљудувачи на МОСТ. Од МОСТ напоменуваат дека на овие избори единствени овластени набљудувачи на МОСТ се оние граѓани кои покрај акредитацијата од ДИК имаат овластување од МОСТ и носат жолта маичка на која пишува Мониторинг 2013.