Супервештачење од областа на економско, финансиско, материјално и сметководствено работење, извршено по наредба на Кривичниот суд било клучно да се преквалификува обвинението за новинарот Драган Павловиќ – Латас и да настапи апсолутна застареност, велат од Обвинителството откако Кривичниот суд соопшти дека нема пресуда за случајот „Тотал“ во кој беше обвинет новинарот бидејќи обвинителот целосно се откажал од обвинителниот акт.
,, Во конкретниот предмет, по наредба на Основниот кривичен суд Скопје беше извршено ново супервештачење од областа на економско, финансиско, материјално и сметководствено работење. На расправата која се одржа на 27.05.2026 година свој исказ пред судот дадоа и вештите лица, кои наспроти прашањата на обвинителот, потврдија дека фактичката состојба изнесена во обвинението е променета. Согласно вештачењето, износот на даночното затајување од значителен беше намален во поголем и согласно тоа не ги исполни елементите на кривичното дело од ставот 2, односно мораше да биде преквалификуван во ставот 1 од членот 279 – Даночно затајување. Иако предметниот јавен обвинител Марија Џабирова Велков во своето обраќање потенцираше дека останува на воведните говори изнесени на главна расправа во досегашниот тек на предметот, сепак мораше на самото рочиште да изврши преквалификација на обвинението токму поради наодот од супервештачењето, а со самото тоа настапи и апсолутна застареност од 15.03.2024 година.,, велат од Обвинителство.









