Собранието ја изгласа реконструкцијата на Владата, при што беа избрани осум нови министри. За гласаа 69 пратеници, без гласови „против“ и „воздржани“.
За нов министер за земјоделство, шумарство и водостопанство е избран Борче Серафимовски, досегашен државен секретар во Министерството. Тој е дипломиран дефендолог, магистер по меѓународни односи и докторант по организациски науки, а во својата кариера бил и генерален директор и заменик-претседател на Управниот одбор на Меѓународниот Славјански Универзитет во Свети Николе.
Ресорот здравство ќе го предводи Сашо Клековски, кој доаѓа од позицијата директор на Фондот за здравствено осигурување. По професија е лекар, а има и МБА диплома. Во својата кариера учествувал во подготовката на повеќе национални стратегии, работел на проекти за јакнење на институциите и бил универзитетски предавач и долгогодишен колумнист.
Ѓоко Велковски е избран за министер за социјална политика, демографија и млади. Тој досега беше заменик-министер во истиот ресор, а претходно ја извршуваше и функцијата министер за труд и социјална политика во техничката влада. Велковски е дипломиран економист со долгогодишно искуство во државната администрација и локалната самоуправа.

Министерството за правда ќе го раководи Јетон Шасивари, универзитетски професор и доктор по уставно и управно право. Тој е редовен професор на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, член на Венецијанската комисија како заменик-претставник на државата и предавач во Академијата за судии и јавни обвинители.
Иван Стоилковиќ е избран за министер за локална самоуправа, откако досега ја извршуваше функцијата вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците. Зад себе има повеќе од две децении парламентарно искуство и е дипломиран правник со дополнителни обуки од областа на безбедноста и стратешките комуникации.
За нов министер за односи меѓу заедниците е избран Агон Ферати. Тој е магистер по бизнис администрација и долгогодишен советник за управување со европски проекти во Општина Тетово, со искуство и како експерт за европските интеграции.
Министерството за култура и туризам ќе го предводи Седат Сулејмани, кој досега беше заменик-министер во истиот ресор. Тој има долгогодишно искуство во јавната администрација и приватниот сектор, а високо образование стекнал на Универзитетот „Улудаг“ во Бурса, Турција.
За министер без ресор е избран Ерџан Демир, кој претходно беше национален координатор за креирање и следење на национални стратегии и политики за немнозинските заедници. Тој е дипломиран економист со повеќегодишно искуство во јавниот сектор, невладиниот сектор и приватните компании.
Со изборот на новите министри, Собранието официјално ја заврши реконструкцијата на Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски.









