Европскиот Парламент ги изгласа новите европски права на патниците во воздушниот сообраќај. Големо мнозинство од 646 европратеници гласаа за реформата.
Родителите во иднина ќе можат бесплатно да резервираат седиште до своите деца. Нискобуџетните авиокомпании досега делумно наплатуваа дополнителни такси за тоа, поради што веќе беа под лупа на надлежните органи.
Правилата во врска со надоместокот за доцнење на летовите – При доцнење на летот од три часа или повеќе, патниците можат да побараат паушално обесштетување, доколку за доцнењето е одговорна авиокомпанијата. За летови до 1.500 километри се исплаќаат 250 евра, за летови до 3.500 километри патниците добиваат 400 евра, а за летови на релации над 3.500 километри – 600 евра. Ова правило важи и за летови што се откажани помалку од две недели пред поаѓањето.
Обештетување нема при таканаречените вонредни околности. Тука спаѓаат, на природни катастрофи или безбедносни ризици на местото на поаѓање или дестинацијата. Штрајк на вработените во самата авиокомпанија не се смета за вонредна околност, но штрајк на други работници, како што е безбедносниот персонал на аеродромот, често се смета за таква околност. Технички дефект на авионот не се смета за вонредна околност.
Авиокомпаниите ќе бидат обврзани најдоцна четири дена по пристигнувањето да ги информираат патниците каде можат да поднесат барање за обесштетување. Потоа тие ќе имаат 30 дена рок или да го исплатат обесштетувањето или образложено да го одбијат барањето.
Ако се пропушти летот нема право на обесштетување. Сепак, патниците кои резервирале повратен билет и го пропуштиле летот во еден правец можат да побараат поврат на средствата за неискористениот повратен лет. Патниците кои и покрај пропуштениот лет успеале да стигнат до својата дестинација можат да го искористат повратниот лет.
Промени има и за рачниот багаж. Барањата за единствени димензии на куферите за рачен багаж не беа прифатени. Законот предвидува само авиокомпаниите при резервацијата да понудат цена без и цена со дополнителен рачен багаж.
Правилата важат за летови што ги вршат авиокомпании од ЕУ, како и за летови што ги вршат неевропски превозници чии авиони полетуваат од ЕУ. Откако правилата ќе стапат во сила, авиокомпаниите ќе имаат дванаесет месеци да ги спроведат.









