Православните верници утре го слават Свети Никола, слава која ја одбележуваат најмногу семејства. На овој ден не се работат никакви домашни работи, не треба да се чисти, усисува, пере …
Постои верување дека на тој ден никој не треба да го потсетувате на долг, ниту додатно да му ја отежнувате положбата затоа што е должник. Треба да се носат подароци за оние кои го слават Свети Никола.
Меѓутоа и оние кои го слават празникот по некои обичаи на некои места во земјава своите гости не треба да ги пуштат со празни раце, туку мора да им дадат дарови пред да си одат дома.
Култот на св. Никола е познат од VI век, а најстарото житие за него потекнува од IX век. Важел за заштитник на целото население и од целиот свет, поради што високо го ценат не само православните туку и католиците. Од истите причини на овие простори во минатото го почитувале и Турците, коишто како што стои во некои записи го викале „Адрбаба“, што значи јадар татко или голем татко.
Се верува дека луѓето ги штител од секакви неприлики, но сепак, во народното предание најмногу е запаметен како господар на водите, на морињата, а со тоа и заштитник на корабите и на патниците што патувале со нив. Затоа, пред него се молат особено оние што тргнуваат на пат по вода. Во македонските народни преданија се раскажува дека еднаш кога патувал по вода бродот потонал, а тој шест недели поминал на една штица. За цело време се молел на Бога да го спаси, а Господ не само што го спасил, туку затоа што бил исполнет со верба кон Бога и што го молел го назначил за заштитник на морепловците.
За Свети Никола строго е забрането да се работи, да се шие, мие, пере, пегла, чисти, како и да се јаде мрсна храна бидејќи празникот е посен.