Сашко Бошков, адвокат од Штип е првиот од листата сведоци на обвинителката Вилма Русковска во „Рекет“, по Орце и Ана Камчеви. Тој кажа дека во присуство на поранешниот кошаркарски репрезентативец Владо Илиевски, во „1ТВ“ Бојан Јовановски-Боки 13 му побарал два милиона евра да го спаси неговиот пријател Зоран Митровски, газда на „Бетон Штип“, од истрагата „Поштенска банка“ и други истраги во СЈО, пренесува САКАМДАКАЖАМ.
Рече дека тој се знае лично со првообвинетиот Боки 13.
„По неуспешно собрание на КСМ, кога требаше да се избере Владо Илиевски, за пропаднатиот избор решивме да реагираме во медиумите. Во февруари 2018 година се сретнавме и со Јовановски, кажа во моментот отвора телевизија. Втората средба беше во ноември 2018 година, кога телевизијата веќе беше отворена. Отидовме со Владо во ‘1ТВ’ кај Боки во канцеларијата. Боки ме праша дали сум близок со Зоран Митровски. Му одговорив потврдно. Ми кажа дека тој имал 4 предмети во СЈО врзани за Бетон Штип. Ми кажа може да се помогне“, сведочи адвокатот.
Потоа Боки се јавил на телефон.
„Отаде се слушаше женски глас. ’Супер изгледаш, новиот стајлинг и фризура ти се топ‘, и кажа Јовановски. Жената од друга страна се смееше. Не прозбореа ништо за Зоран“, кажа сведокот.
„Потоа Боки ми кажа може да се помогне. Ми рече ќе кошта 2 милиона евра. Му реков по штипски: ’Разбираш ли ги ти парите? Знаеш ли колку пари се тоа?‘“, рече Бошков.
„Се видов со Зоран, му кажав. Му реков да го пријави случајот. Првин се мислеше, а дури по извесен период пријави. Но, не по редовен пат, не во МВР и во Обвинителството“, кажа сведокот.
На прашање на адвокатот на Јовановски сведокот кажа дека неговиот пријател никогаш не му ги исплатил парите на Јовановски, ни евро.