Македонската православна црква – Охридска архиепископија годинава ќе го добие Благодатниот ерусалимски оган со помош на Бугарската православна црква. По 13-ти пат бугарски духовници ќе заминат во Ерусалим, од каде во предвечерјето на Воскресението Христово ќе го донесат Светиот оган. Делегацијата ќе биде предводена од Западно и Средноевропскиот митрополит на БПЦ, Антониј. По неговото враќање од Ерусалим кое се очекува во сабота околу 19:30 часот, Светиот оган на аеродромот во Софија ќе му биде предаден на митрополитот на МПЦ-ОА, Иларион Брегалнички, пренесува DW.
Светиот оган во Македонија досега стигнувал од Солун, благодарение на духовници од Бигорски манастир и нивни лични пријателства со претставници од Грчката црква. Тој пристигнувал во манастирот околу полноќ, кога треба да започне пасхалната богослужба, а пoтoa оттаму бил разнесуван низ целата земја.
Благодатен или Свет оган се нарекува огнот кој самиот слегува, односно самиот го пали кандилото на пресветиот гроб, без човечка интервенција. Се смета за постојано Божјо чудо што секоја година се случува на Велика Сабота на Господовиот гроб во Ерусалим. Според Црквата, постојат сведоштва дека со чудесното палење на кандилото на пресветиот гроб, понекогаш истовремено се палат и други кандила, како и свеќи што ги држат поклониците. На Велика Сабота ерусалимскиот патријарх влегува во Светиот олтар за да го земе огнот, и од тоа кандило пали четири снопчиња со по 33 свеќи. Потоа со нив им го дели огнот на присутните верниците и на официјалните црковни делегации што доаѓаат од целиот свет. Секоја година на Велика Сабота во храмот на Господовиот гроб се собираат поклоници кои лично сакаат да го видат слегувањето на Благодатниот оган. Покрај оние кои се во храмот, најмалку десет илјади луѓе го исполнуваат просторот околу него.