600-700 Авганистанци на Табановце, што ги вратија Хрватска и Србија, очекуваат да се најде решение деновиве, откако ЕУ ќе каже што со нив – дали да се пропуштат или да се враќаат таму од каде што дошле.
Од Министерството за надворешни работи потврдуваат дека постојат луѓе што по потекло се од Авганистан, но подолго време престојувале во друга земја, што би значело дека нивните животи не биле загрозени од воени дејства.
Со натписи „Отворете ги границите“ кај јужната граница се зголемува бројот на лицата од Авганистан што сакаат да продолжат на патот кон Германија, Австрија… група од 300 Авганистанци, видно револтирани, се обидоа на сила да ја поминат оградата, па интервенираше полиција.
Oд ноември важи одлуката по балканскиот коридор да транзитираат само бегалци од воените жаришта од Сирија, Авганистан и Ирак, а пред два дена полициските власти на државите од хуманитарниот коридор воведоа единствен биометриски документ за регистрација за бегалците што чекаат да влезат во коридорот.
Овој документ, сега засега, се издава само на една точка од овој коридор, а тоа е прифатниот центар кај Гевгелија, на котата 59. Само за бегалците што имаат валиден пасош или лична карта и кои ќе докажат дека доаѓаат од воените жаришта во Сирија, Авганистан и Ирак.