Косовскиот премиер Хашим Тачи зборуваше за позицијата на Албанците надвор од Албанија и од Косово. Тој им честиташе на албанските политичари од Прешевската долина за започнатиот дијалог со Белград и ги повика лидерите на Албанците во Македонија да работат повеќе за нивните права, јавува Алсат.
Според Тачи, 3% од Србите во Косово уживаат повеќе права од 35% Албанци во Македонија, поради што албанското раководство во Македонија треба да се ангажира за подобрување на ситуацијата. Премиерот на Албанија, Еди Рама, смета дека случајот на Албанците во Македонија е загрижувачки, поради неспроведување на постигнатите договори.
“Вистина е дека Косово се покажа многу афирмативно и 3% Срби во Косово уживаат повеќе права од 35% Албанци во Македонија. Но, тоа е прашање за кое самото албанско раководство во Македонија треба да донесе одлуки што се однесува до нивната интеграциска иднина таму и нивната положба”, рече косовскиот премиер Тачи.
“Нашата подготвеност, толку колку што се однесува до регионалната соработка, се однесува и на заложбите и заедничката работа на Албанија и Косово за реализирање на една многу јасна политика која се однесува на правата на Албанците во регионот. Приоритет во овој контекст се правата на Албанците во Македонија, не само поради бројноста на Албанците таму. Јас мислам дека приодот што треба да го има државата кон нашето ново поглавје ни наметнува да бидеме покрај Албанците каде и да се наоѓаат, без да ги броиме колку се. Како промотори што се длабоко ангажирани за мирот и стабилноста во регионот, ние сме сосема свесни за интегритетот на егзистенцијата и сме целосно заинтересирани за напредокот на Македонија која како основа го има балансот и односите меѓу албанскиот народ и македонскиот. Но, случајот на Албанците во Македонија е загрижувачки, особено поради неспроведување на постигнатите договори со посредништво на нашите меѓународни партнери или поради нефункционирањето на механизмите кои произлегуваат од тие договори“, рече премиерот на Албанија, Еди Рама.