Историјата и културната историја на Скопје треба уште многу да се истражуваат, бидејќи тие се неисцрпно богатство. Ќе наведеме неколку интересни и карактеристични примери, кои веднаш предизвикуваат внимание, пишува Вест.
Моментно на Калето интензивно се градат неколку музејски простори во близината на монументален североисточен ѕид, а се вршат интервенции и на самиот бедем. Со мало невнимание, тој артефакт би можел лесно да исчезне, а станува збор за извонреден примерок на многу стара камена пластика од 12 век.
За да се стигне до тој редок примерок, треба да се помине простор од околу триесетина метри, од квадратната до триаголната кула, кој е сосема незаштитен. Веќе со години наназад. Секој неупатен добронамерник може фатално да заврши во бездна длабока дваесетина метри, бидејќи таа не може да се забележи од околните растенија, дрвја и џбунови.
Таинствениот симбол е уникатен дел од камен олтар на верски објект кој се наоѓал тука пред доаѓањето на Турците. На него извонредно вешто се обликувани цветни елементи, какви што можат да се видат на олтарите од 11 и 12 век. Како се случило овој артефакт да се најде на тоа место и да опстојува толку векови? Прв пат за него дознав од истражувањата на професорот Константин Петров. Тој пишува дека сличен таков вреден предмет се наоѓал вграден и во Водената кула, долу под Калето, кај денешна Електродистрибуција. Но, проверката покажа дека тој е одамна исчезнат. А за овој, зачуваниот симбол, Петров вели:
“Во поправката на триаголната кула вѕидан е мал фрагмент од бордира со срцолисни и петлисни палмети”.
Во тој најстар ѕид од 6 век, кога дошле Турците, доѕидувале елементи од штотуку разурнатите објекти кои им биле при рака, а кои биле стари и по неколку века. Постои податок дека во периодот меѓу двете војни откриени се, исто така, камени остатоци од олтари кои датираат од 11 век.
Топаана и просторите во близина на Калето отсекогаш биле пребогати со историски артефакти, а само некои од нив денес се зачувани. Кога ќе навлезете во тие тесни улички, наеднаш ве заплиснува патината на историјата, времето како да застанало и сe уште го слушате говорот на вековите. На тој простор денес се наоѓа еден стар исламски споменик, кој е во руинирана состојба. Руинираноста како да придонесува за неговата таинственост.
Тоа е гробот на командантот на турската коњица Јаши-бег, кој се борел против војската на Пиколомини. Станува збор за турбето наречено Алти Ајак (шест столба). Малку е познато дека овде, во 1690 година, Австријците биле поразени од турско-татарската војска. На тој простор, до 1913 година постоеле две турбиња на загинати татарски војсководци. Денес е останато само ова турбе, на Јаши-бег. Во еден дел од остатоците на турбето, пронаоѓам затскриен отвор. Во него таинствено тлеат запалени свеќи. Поминале времиња, а малкумина денеска знаат дека турбето има лековити, исцелителни својства. Наспроти него, живее дервишот Шабаба Сади, од тарикатот или редот Сади. Тој е чувар на турбето, но и исцелител, ги прима и ги лекува сите оние што ќе дојдат на споменикот и ќе запалат свеќа. Познато е дека дервишите ја пророкуваат судбината, се занимаваат со магија, користат најразлични талисмани и помагала, лекуваат разни болести. Сето тоа го прави и Шабаба Сади. Иако е верско лице, со својот достоинствен глас и појава, повеќе ми наликува на антички мудрец, кој како Сократ е седнат на едно плато каде што ги прима луѓето и разговара со нив. Сепак, според името, потсетува и на Саи-Баба.
“Вие сте запишувач на традицијата, вашите книги ќе сведочат за тоа”, ми вели пред и да успеам да му се претставам.