Таравари: Луѓе мои, не умреа Албанци, Македонци или Турци, починаа наши сограѓани- нивната смрт е трагедија


Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари на третиот ден на жалост во Гостивар, по кобната автобуска сообраќајна несреќа, потсети на најтешките денови што ги живее градот, на човечноста и херојството, потребата од заедништво…

„Гостивар деновиве е завиен во црно. Дури и кога сонцето е највисоко на небото, не може со зрак топлина да ја пробие темнината што ги обвитка населбите во напатениот Гостивар!

Чувствувам обврска што токму во овој тежок миг, во име на животот, во име на оние кои останаа живи и се спасија на чудесен начин, да зборувам за хероите на денот. Ќе почнам со селото Ласкарце.

Неговите жители први дотрчаа да им помогнат на настраданите. Превезоа в болница онолку лица колку што можеа, а денес се силно натажени од ужасот што го посведочија!

Никогаш нема да го заборавиме лицето на благородниот маж од Ласкарце кој пред камерата почна да зборува како, заедно со други, помогнал да се спасат патници, па му протекуваат солзи и не може да продолжи.

Гостивар никогаш нема да го заборави момчето од ова село кое цела ноќ и цел ден доброволно служеше чај и кафе. Ниту, пак, ќе ги заборави луѓето околу болниците, Албанци, Македонци, Турци, кои своите домови ги отворија за семејствата погодени од оваа катастрофа.

Сите оние кои даруваа и продолжуваат да даруваат крв, без да прашаат каква е етничката припадност на повредените. Тие даруваа крв од хуманост, крв за животот!

Сесрдно им се заблагодарувам на жителите на Ласкарце и на секој кој помогна за да се спасат животи од смртоносниот автобус.

Во име на жителите на Гостивар, им благодарам на сите ‘бели мантили’ од Државната болница и од болницата “8 септември”. Тие работеа со максимална посветеност, правејќи сѐ за да спасат што повеќе животи!

Но, знаеме, има и такви кои не заслужуваат благодарност. Има некои чии нечовечки изјави крајно ги презирам. Нема да ги споменувам нивните изјави, тие тоа не го заслужиле, но ги повикувам надлежните органи да им ја изречат соодветната казна. На оние кои побараа дискриминација дури и за мртвите!

Се сретнав со семејствата на загинатите и сведок сум на нивниот поглед. Некои од нив се Македонци, некои Албанци, некои Турци, но погледот им е ист: ужаснат!

Луѓе мои, не умреа Албанци, Македонци или Турци, починаа момчиња и девојки од нашиот град. Нивната смрт е епска трагедија, тоа не е ниту казна, ниту одмазда, едноставно е голема несреќа!

Причините за несреќата сè уште не се познати. Но не би згрешил ако речам дека треба да ја држите под контрола брзината со која возите, да водите сметка за техничките услови на возилата со коишто управувате. Ќе бидете позаштитени!

Со тага мора моите мисли ги завршувам зборувајќи за мртвите …

Секаде ќе се памети оваа трагедија. А овде, во Гостивар, 13 февруари 2019 година ќе остане вечно изгравиран меѓу семејствата, во населбите и селата, кај сите нас!

Единствената порака за сите нас е дека кога ќе изгубиме нешто ја разбираме вистинската вредност. Но, поука за сите нас е да се сакаме додека сме живи. Ќе имаме помалку заложници … ќе бидеме посилни!

Смртта не избира според етничката припадност. Поука за нас, живите. Да не одаваме почит според етничката или верската припадност, туку само во име на хуманизмот и човештината!

Нека е вечно сеќавањето за загинатите!“, пишува градоначалникот.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1