Уште од мај 2011 година Гоце Лазаров од Оризари нема никаков контакт со своите две малолетни деца, откако поранешната сопруга со место на живеење во општина Македонска Каменица насилно му ги одзела и побегнала со нив, иако тој го имал родителското право, пренесува Канал 8.
Таткото има и писмено известување од Центарот за социјални работи од Делчево во кое пишува дека после разводот од сопругата децата му биле доделени нему за да се грижи и да ги чува. Лазаров вели дека за тоа имал и финансиски услови, затоа што заработил додека две години бил во воена мисија во Авганистан како припадник на специјалната единица волци на АРМ.
По враќањето оттаму и по разводот на бракот започнала неговата мака.
– На 16. мај 2011 година децата ми беа киднапирани од страна на бившата сопруга и од Центарот за социјални работи – Кочани. Сега немам сознание ниту каде се децата, ни кој се грижи за нив, до ден денешен, веќе три години, рече Гоце Лазаров.
Загрижениот татко вели дека ангажирал адвокат кој покренал судска постапка со цел децата да му бидат вратени, односно да дознае каде се и кој му ги одзел.
Во меѓувреме се обидел и самиот да ги пронајде двете малолетни деца, па отишол да ги бара во кумановско Ореше каде живеела сестрата на поранешната сопруга. По кратка расправија со неа, во момент на афект, Лазаров пукал и ја ранил жената, по што бил осуден на 6 годишен затвор и завршил зад решетки.
– Цела Македонија ја прошетав за да ги најдам децата, никој не ми кажа ниту од Центарот за социјални работи, ниту од Полициската станица, да ме известат каде се наоѓаат моите деца. Отидов во Куманово, се случи што се случи, ми го уништија целиот живот. Бев и вработен, а сега изгубив и работа и се, имам и документи дека мајката го изгубила родителското право, се имам. До денеска не ми кажуваат од Центарот за социјални работи – Кочани каде се децата, додава Лазаров.
Целата сторија на – Канал8