Сколиозата не е причина за смртта на ниту еден пациент, вели доцент доктор Златко Темелковски, ортопедски хирург.
-Внимателно ги следиме настаните околу смртта на пациентката Тамара Димовска, посебно последниот извештај од обдукцијата што го објави денеска Државниот санитарен здравствен инспекторат. Како ортопед можам да кажам дека сколиозата не е причина за смртта на ниту еден пациент, истакна Темелковски за Курир.
Инаку, извештајот од извршената обдукција на телото на починатата Тамара Димовска од Велес, синоќа бил доставен до Државниот санитарен и здравствен инспекторат, по службено барање од инспекторатот. Во извештајот било наведено дека директна причина за нејзината смрт е бронхопневмонија- акутно воспаление на респираторните органи. Покрај бронхопневмонијата, обдукцијата утврдила и воспаление на крајниците, бронхитис, обструктивен бронхиолитис, реактивно воспаление на регионалните лимфни жлезди.
Доцент доктор Темелковски смета дека бронхопневмонијата треба да се лекува на стручни места како што е специјалната детска болница Козле, или детска пулмологија, за да се создадат услови за стабилна и безбедна оперативна интервенција.
-Доколку пациентот има респираторни потешкотии како бронхитис, бронхопневмонија, независно дали се работи за сколиоза или било кое друго заболување, претставува анестезиолошка контраиндикација за било каков оперативен третман, вели Темелковски.
Извештајот од обдукцијата на телото на малата Тамара покажал дека причината за смртта не е искривувањето на рбетот или неизвршената хируршка интервенција.
Курир.мк