Избегната сообраќајка на два автобуси-возачите физички се пресметале, закани по живот на патник, пренесува Сител.
Денеска околу 15-40 часот, спроти средното училиште „Здравко Цветковски-ГУЦ“ беше избегната сообраќајка помеѓу два приватни автобуси со број 22 и 12.
До несреќата дошло откако автобусот со број 12 влегол во третата лента од улицата, каде возел и автобусот со број 22, по што автобусот кој бил на третата лента, за да избегне сообраќајка летнал од улицата и се качил на тротоарот.
После избегнувањето на несреќата, револтираниот возач на приватната 22-ка со железен клуч му се заканувал на возачот на другиот автобус, по што другиот возач исто така извадил метален предмет.
Возачот од приватната 22-ка излегол од автобусот, по што влегол во 12-ката и го нападнал возачот, а она на што биле сведоци патниците било крв и искината облека од двата возачи.
Како што информира нашиот новинар од терен, случајот бил пријавен во полиција, по што веднаш беше интервенирано со 5 возила на МВР. Но тука не завршила оваа голгота.
Веднаш откако лицето кое се јавило во полиција и се качило во друг автобус, по него се качил и револтиран дечко, по што патникот се обидел и физички да се пресмета со него, но не успеал поради огромниот број на патници, па целиот случај останал на закани по животот.