Во своето неделно издание дневниот весник „Ле Паризиен“ открива дека организаторот на терористичките напади во Париз, Абделхамид Абауд се криел четири дена во грмушки во непосредна близина на автопатот А86 во Обервилие, пренесува дописникот на МИА од Париз.
По атенатите на 13 ноември во кои загинаа 130 лица, а над 300 беа ранети, еден сведок на 16 ноември и посочил на полицијата дека Абделхамид Абауд се криел во грмушки.
Тајните служби веднаш се инсталирале во близината, поставуваат камера и започнуваат да следат. Другиот ден, околу 20 часот тие забележуваат една жена со телефон, како се приближува до грмушките, се работи за Хасна Аит Буланшен, братучетка на Абауд. Потребни се три минути, за да организаторот на атентатите излезе од грмушките. И покрај капата, полицајците се сигурни дека станува збор за него. Наместо да го уапсат, тие го оставаат да замине.
Терористот носи елек, кој можеби е експлозив,а полицијата избира да го следи.
Хасна Аит Буланшен, Абделхамид Абауд и едно трето лице заедно заминуваат пешки, пред да се качат во такси. Полицијта сака да дознае дали тие имаат и надворешни соучесници.
Таксито ги остава на улицата Корбијон во Сен Дени. Камерата на видео-набљудувањето ги покажува како велгуваат околу 22 часот во стара зграда, објаснува „Паризиен“. Неколку часа подоцна, припадниците на француските специјални сили за интервенции ја започнуваат акцијата, во која ќе бидат убиени сите тројца терористи.