Тунижанецот Анис Амри, кој е осомничен дека го извршил нападот во понеделникот на божиќниот панаѓур во Берлин, е убиен денеска во престрелка со полицијата во северниот италијански град Милано, соопштија безбедносни извори.
Како што јавија италијанските медиуми, во врска со овој настан најавена е вонредна прес-конференција на италијанскиот министер за внатрешни работи, Доменико Минти, на која се очекува да бидат соопштени повеќе детали.
Најавата за убиството на Амри во Милано доаѓа набрзо откако данската полиција соопшти дека маж кој наликува на осомничениот напаѓач од Берлин, бил забележан во градот Олбург во северна Данска.
Полицијата информира дека започнала операција за пронаоѓање на мажот и ги повика локалните жители да го избегнуваат реонот во кој таа се спроведува.
Во меѓу време ДПА јави дека германската полиција извршила претрес во џамија во берлинската населба Моабит, каде Амри бил забележан во вторникот претпладне.
Според истиот извор, од џамијата биле изведени неколку лица, кои биле одвезени со такси. Германската полиција одби да ги коментира овие тврдења