Едно лице се здоби со тешки телесни повреди во сообраќајната незгода што синоќа во 22 часот и 20 минути се случи на улицата „15 корпус“ во Охрид.
Со скршеници на черепот и по останатите делови од телото како и крварење во мозокот, Љ.К. (48) од селото Лескоец со возило на итна медицинска помош е пренесен во на хируршкото одделение при општата болница во Охрид каде, по укажаната лекарска помош е задржан на понатамошно лекување.
Сообраќајната незгода се случила во момент кога врз сега тешко повредениот, кој по улицата управувал велосипед, налетало патничко моторно возило марка „Југо“ со охридски регистарски таблици. Возилото управувано од М.М. (18) од Лескоец, кое се движело во правец кон Лескоец, на критичното место со предниот десен дел удрило во задниот дел од велосипедот кој се движел во ист правец пред него.
На местото на сообраќајната незгода, извршен е увид во присуство на Јавен обвинител, овластено вешто лице и полициски екипи. Извршено е алкотестирање врз возачот М.М. при што утврдени се 0,70 % промили алкохол во крвта. Истиот, веднаш е исклучен од сообраќај по што констатирано е дека не поседувал возачка дозвола а возилото технички било неисправно. За време на увидот, сообраќајот не беше запрен и се одвиваше со наизменично пропуштање на возилата по една сообраќајна лента.
По наредба на Јавен Обвинител од двете лица земена е крв и урина за понатамошна анализа а врз патничкото возило и велосипедот ќе бидат извршени дополнителни вештачења.