32-годишната Абераш Бекеле е лута на филмските работници поради користењето на нејзината животна приказна, без нејзино знаење и дозвола, но и без никаков финансиски надомест. Таа ја обвинила Анџелина Џоли дека ја експлоатирала нејзината приказна за силување, за да сними филм со кој ќе подобри својот имиџ како борец за човекови права.
Абераш Бекеле била киднапирана за да биде принудно омажена. Побегнала од своите киднапери, но дури откако убила еден нив, за што подоцна била судена. Иако судот ја ослободил, старешините во заедницата во која живеела, ја прогониле далеку од својот дом и семејство.
Филмот бил прикажан минатата година на Глобалниот самит за борба против сексуалното насилство, а Анџелина, која била продуцент на филмот снимен според животната приказна на оваа девојка, рекла дека оваа приказна ќе направи “промена во светот”.
Абераш верува дека филмот, кој освојувал награди ширум светот, може да ја доведе неа и нејзиното семејство во опасност од одмазда. Таа никогаш не била контактирана од страна на филмските работници, и не им дала дозвола да ја искористат нејзината приказна во филм. Во сценариото не било користено нејзиното вистинско име, туку името Хирут. Продуцентите најпрво одбиле да признаат дека станува збор за неа.
“Абераш се чувствува оштетено бидејќи не признаваат дека приказната е нејзина. Таа е невидлива, а нејзината приказна е украдена. Тоа е апсолутна срамота”, рекол нејзиниот адвокат.
Минатата година, оваа жена го добила судскиот спор за забрана на прикажување на филмот во Етиопија. Добила и мал паричен надомест, но таа и нејзиното семејство сè уште живеат во сиромаштија.
“Мојот живот е на финансиски раб, додека тие планираат да ја прикажат приказната на гламурозен начин. Тоа не е во ред”, рекла таа.
39-годишната Анџелина, мајка на шест деца и сопруга на Бред Пит, е позната по својата хуманитарна работа. Засега никој од соработниците на Анџелина не се огласил по обвиненијата.