Германско здружение за техничка контрола тестираше шест евтини летни гуми од кинеско и источноевропско производство. Разликите во споредба со нормалните гуми се запрепастувачки.
Експертите на Германското здружение за техничка контрола тестираше шест гуми од најниската ценовна класа, со димензија 225/45 R17, како тие се однесуваат во поглед на должината на патот на сопирање, стабилноста при влажен пат и во поглед на возните својства. Како гума за споредба послужи квалитетен производ од докажана марка, а се тестираше на сериски Volkswagen Golf GTI.
Резултатите се запрепастувачки. При целосно запирање на влажен пат од брзина од 100 километри на час, дури и најдобрата од евтините гуми, со патот на сопирање од 56,2 метри заостанува за повеќе од шест метри во споредба со референтната гума, чијшто пат на сопирање од истата брзина изнесува 49,4 метри. Најлошата гума, пак, запира дури 12 метри подоцна, односно нејзиниот пат на сопирање е 61,9 метри. Тоа е разлика што во случај на опасност на патот и потреба од силно запирање може да повлече кобни последици. На местото на кое што возилото со референтните гуми запира по неполни 50 метри, со евтините гуми истото возило пролетува со брзини и до 44 километри на час – иако се работи за исто возило и исти услови на запирање.
Разликите се уште поголеми во поглед на однесувањето во свијок при воден слој на патот. Референтната гума го задржува правецот и со 80 километри на час и не дозволува под газечката површина да се создаде водениот клин што ја подигнува гумата од подлогата, т.н. аквапланинг, што би оневозможило каква било контрола, односно задржвуање на правецот на возење. Во истите услови на влажна тест патека, возилото со монтирани евтини гуми покажува изразено подуправување, односно силно влече со носот надвор од свијокот и не може да се контролира ниту со силно завртување на воланот. Најлошата евтина гума на тестот постигнува одвај 58 проценти од перформансите на референтната гума.
Слична е ситуацијата и во поглед на управливоста со евтините гуми. Уште при поаѓањето недостига тракција и погонските тркала пролизгуваат. Евтините гуми немаат никакви шанси: Слаб контакт со подлогата, недоволно странично држење, огромна чувствителност при нагло одземање гас или силно сопирање во свијок и апсолутно недоволна тракција. Запрепастувачки е тоа што некои од евтините гуми со летен профил се продаваат дури и со ознака М+Ѕ, односно како зимски гуми.
На сите овие слабости, на крајот се надоврзува и цената. Евтините гуми се продават по цени што се разликуваат за само 25 до 30 евра во споредба со гумите од квалитетните марки.
Во табелата се наведени резулатите од тестот на евтините гуми 225/45 R17.
Сопирање на влажен асфалт од 100 km/h
Марка | Пат на сопирање | Преостаната брзина |
Westlake SV 308 | 56,2 m | 33,5 km/h |
Kormoran Gamma B2 | 57,2 m | 35,8 km/h |
Goodride SA05 | 57,3 m | 36,0 km/h |
Kenda KR20 | 60,4 m | 41,6 km/h |
Federal SS 595 | 60,5 m | 41,8 km/h |
Riken Maystorm | 61,9 m | 44,0 km/h |
Референтна гума (Dunlop) | 49,9 m | 0,0 km/h |
Аутомедиа.мк