Тетово прекриено со прашина штетна за здравјето


Тетово е прекриено со прашина, по големото невреме кое го зафати регионот. При расчистување и транспортирање на наносите од земја кои од Шар Планина се спуштија во градот, правта се разнесува насекаде низ јавните површини. При движење на возилата прашината се крева во воздухот најчесто во зоната на дишење. Таа може да предизвика сериозни заболувања кај населението, велат здравствените работници, објавува Мета.tetovo magla

– Наталожената прашина е многу опасна, затоа што истата потекнува од фекалии, кои се помешани со земјата, која по невремето се струполи во градот. Затоа мора под итно да се исчистат јавните површини во градот, во спротивно ваквата опасна прашина може да предизвика сериозни заразни заболувања кај населението – изјави лекарот Џавид Фејзули, специјалист по хигиена и здравствена екологија.
Од Центарот за јавно здравје Тетово, велат дека водата од тетовскиот градски водовод е исправна, но советуваат да не се пие вода од непроверени извори и селски чешми.
И покрај интензивното работење на механизацијата, магистралниот пат Тетово – Јажинце не е прооден. Се работи на реконструкција на коритото на Поројска река, која поминува под патот. Откако ќе завршат градежните работи, се очекува овој патен правец повторно да биде пуштен во употреба.
Патиштата кои поминуваат низ селата Голема Речица, Мала Речица и Шипковица се проодни. Се расчистуваат малите улици и сокаци, кои ги затрупаа наносите од камење и земја. Водата во овие населени места кои се најпогодени од големото невреме, се уште не е исправна за пиење, поради дефектите на водоводните мрежи.
Шестгодишното девојче Рита Амети од Шипковица и денеска се бара под урнатините кои го затрупааа ова шарпланинско село.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1